Политичките партии поднесоа 27 приговори за парламентарните избори на 8 мај. Продолжува рокот од 72 часа во кој Државната изборна комисија треба да одлучува по жалбите. Коалицијата ВРЕДИ поднесе најмногу жалби, вкупно 10, по што следат ВМРО-ДПМНЕ 8, СДСМ 5 и Левица 4.
-Жалбите на ВРЕДИ се сите во Изборната единица број 6, односно во избирачките места во Тетово, Гостивар, Желино, Боговиње и Врапчиште. Жалбите на ВМРО-ДПМНЕ се за избирачките места во Охрид, Демир Хисар, Крушево, Кичево, Струга, Битола, Долнени и Ресен. Жалбите на СДСМ и коалицијата се за Изборната единица број 5, односно за Струга, Битола и Кичево. Додека жалбите на Левица за Чаир, Струга и Гази Баба, велат од ДИК за жалбите на партиите за парламентарните избори на 8 мај.
„Европскиот фронт“ пак предводен од ДУИ попладнево обвини дека поднесените приговори до Државната изборна комсија (ДИК) од други политички партии и коалиции за нерегуларности на парламентарните избори на неколку избирачки места во петтата и шестата изборна едница се обид за изборен инженеринг.
Целта е, како што рече шефот на изборниот штаб на „Европски фронт“, Арбер Адеми, да ѝ се одземат два пратенички мандата на коалицијата предводена од ДУИ.
Според Адеми, приговорите се поднесени врз основа на непринципиелен договор меѓу другите политички партии, оценувајќи дека тоа е газење на волјата на граѓаните.
За сите овие, како што ги нарече, темни сценарија, веќе ги информирале сите меѓународни партнери – Соединетите Американски Држави (САД), Европската Унија (ЕУ), НАТО, ОБСЕ и ОДИХР.
-Другите политички партии, врз основа на непринципиелен политички договор и газејќи на волјата на граѓаните, на оркестриран начин, поднеле приговори за изборачки места во петтта и шестата изборна единица, иако не е констатирана ниту една неправилност додека траеше изборниот процес и после изборниот процес. А дека тоа е така доказ се самите потписи на сите членови на избирачките одбори кои се предложени од самите политички партии, а кои денеска и овие денови поднеле приговори. Целат е јасна. Сакаат на ‘Европскиот фронт’ да му одземат два пратенички мандата, иако тие пратенички мандати се резултат на чистата волја на граѓаните и на слободното изразување на граѓаните, рече Адеми.
До понеделник, ДИК мора да одлучи дали ќе ги одбие или ќе ги прифати жалбите на партиите. Во случај резултатот од гласачките места кои се предмет на приговори да влијаат на севкупниот резултат, ДИК може да побара да има повторно гласање.