Основното јавно обвинителство во Струмица подигна обвиние за извршено убиство против педесет и четиригодишниот М.В. од село Добрејци. Него обвинителството го товари дека на 7 мај годинава на свиреп и подмолен начин го лишил од живот Ристо Иљашев, а потоа се обидел да го прикрие убиството со тоа што неговото тело го затворил во буре и го фрлил во водите на акумулацијата „Турија“.
Според портпаролката на Основниот суд во Струмица, судијката Цона Каламерникова, обвинението од ОЈО Струмица е примено во судот и се работи на оценка на обвинителниот акт.
-Обвиненито е примено во судот пред една недела и откако ќе стане правосилно, односно оценката биде позитивна, ќе се закаже главна расправа, информираше судијката Каламерникова.
Од ОЈО Струмица потврдуваат дека е покреното обвинение против М.В. само за убиството извршено во мај на Иљашев, чие тело беше пронајдено во акумулацијата на 20 јуни. За убиството на вториот струмичанец, шеесет и двегодишниот А.М., чие тело затворено во камионски резервоар за гориво, исто така, беше пронајдено во „Турија“, засега нема подигнато обвиние поради немање доволно докази.
Инаку, полицијата го сомничи М.В. дека е сторител и на второто убиство извршено од користољубие на подмолен начин лани на 9 октомври, а телото на убиениот беше извадено од браната „Турија“ на 5 август годинава.
По наредба на судија на претходна постапка при Основен суд Струмица обвиниетиот се наоѓа во притвор поради основано сомнение дека е сторител на кривично дело „убиство“.