Поддржувачите на идеологијата на Трамп се закана за демократијата

by Fokus

Поддржувачите на идеологијата на Доналд Трамп „Да ја направиме Америка повторно голема“ (МАГА) се закана за демократијата, кажа Џо Бајден во говорот што го одржа во Пенсилванија, на две месеца пред изборите за Конгресот.

„МАГА силите се решени да ја однесат оваа земја наназад“, изјави Бајден.

Тој појасни дека не ги осудува сите 74 милиони Американци кои гласаа за Трамп пред две години.

„Не секој републиканец, дури ни мнозинството републиканци не се МАГА републиканци. Но, нема сомнеж дека Републиканската партија денес е водена и уплашена од Доналд Трамп и МАГА републиканците и тоа е закана за оваа земја“.

Тој вели дека поддржувачите на Трамп ја сметаат толпата која упадна во Конгресот за патриоти.

„Долго време си кажувавме дека американската демократија е загарантирана. Но, не е. Мора да ја браниме и заштитиме. Да се бориме за неа. Секој од нас“, кажа американскиот претседател.

Бајден, кој дојде на власт со ветувањето дека ќе ја обедини земјата, во последно време ја заостри својата реторика против приврзаниците на Трамп.

Во исто време, говор одржа и лидерот на Републиканците во Претставничкиот дом, Кевин Мекарти, кој го обвини Бајден дека ги дели, понижува и омаловажува Американците.

„Зошто? Само затоа што не се согласуваат со неговите политики. Тоа не е лидерство“, кажа Мекарти.

Поврзани новости