Под власта на Груевски, во Македонија правната држава се укина!

by fokus

Текстот е објавен на 18-ти мај 2012-та во неделникот „Фокус“ во бројот 881

Функционирањето на законите претставува најважна задача за секоја влада кога ќе дојде на власт. Напишаното на хартија да го преточи во реалниот живот, да ги засили институциите, да создаде силна држава, сервис за граѓаните. Смислата на постоење на законите е да се заштитат граѓаните од самоволието на поединци, да ѝ се овозможи на државата да го раздвои партиското од општественото живеење.

Од друга страна, јакнењето на институциите и судовите, засилувањето на нивната независност, било од централната или од локалната власт, треба да даде чувство на сигурност за граѓаните, дека нема да си имаат работа со регионални шерифи, партиски подлизурковци, или уште полошо, некои нивни одлуки директно да зависат од волјата на министрите или на премиерот.

Е, тоа е силна држава, земја која може да се посвети на економијата, на подобрување на животниот стандард на граѓаните, на намалување на невработеноста. Ја препознаваме ли тука некаде нашата држава Македонија?

Кога ВМРО-ДПМНЕ на чело со Никола Груевски пред шест години ја освои власта во земјава, многумина сметаа дека Македонија влегува во една нова посттранзициска фаза. Тазе востоличен за премиер, со портокаловата наметка на тогашната украинска премиерка Јулија Тимошенко и со имиџ на технократ, чија цел не е да се дограби до власта, ами да го промени дотогашниот стил на владеење, Груевски внесе нов оптимизам на македонската сцена.

Нетипичноста на владеењето даваше резултати, неговиот рејтинг растеше, опозицијата слабееше, но паралелно и постепено почна да се разоткрива новиот лик на македонската преродба. Вистинската цел се појасно почна да ги исцртува контурите на новата Македонија.

Технократијата доби класични партиски бои, рејтингот почна да се користи за спроведување на персонални и партиски политики, се редеа грешки во меѓународната политика кои земјата ја изолираа и закотвија надвор од семејството на европските народи, на голема дистанца од безбедносниот чадор на НАТО.

Денес, тоа е поделена земја со лажни вредности, нации и етникуми распарчени и по хоризонтала и по вертикала, а бојата на делењето на македонското ткиво ги носи партиските обележја на власта, односно опозицијата. Протести, апатија, незадоволство… го надополнуваат фолклорот, а во сите сфери на општеството владее страв.

Бизнис климата, логично го склопува мозаикот, тендерите се лајт мотив на опстојувањето за бизнисмените блиски до власта, а сите заедно пливаат во црвена зона на немање пари. Од државниот до буџетот на компаниите, кои се зависни од најголемиот работодавач во земјата. Адресата се наоѓа на местото од поранешната Це-Ка!

ЗАКОНОТ ВЕЛИ ТАКА?!

И сево ова се одвива во рамки на законот. Денес во Македонија нема нешто, што не е законски. За сѐ си постои пропис, уредба, одлука, регулатива. И кога треба да се удри по невладините, кога треба да се преземе компанија, кога се експроприра имот, кога се урива инвестиција, кога се затвора медиум, кога се забранува работата на некоја дејност, па дури и кога власта не сака да ги исплати долговите кон компаниите. Сето тоа е законски, дури и кога Уставниот суд вели дека не е!?

Катадневни се примерите кои покажаа дека во Македонија е најлесно да се смени законот, а „Службен весник” да биде само покритие во практицирањето на преродбеничката логика, чија цел е да се сузбијат „нивните”, а да навјасаат „нашите”!

Законите минуваат мазно со помош на гордите партиски послушници во парламентот, а во претседателската палата на Водно, Ѓорѓе Иванов од дрвата не може да ја види шумата. Не се сеќавам дека човекот зуцнал нешто против некој закон, а не, пак, да се дрзнал да не потпише текст нарачан од Груевски. Така претседател не бива, ама, тоа е друга тема. Во сиот овој период имаше многу примери, за тоа како не треба да се креираат законите.

Последен таков пример се измените на Законот за енергетика, со кои власта е на добар пат, од приватна компанија да го одземе управувањето со гасоводот. И покрај укажувањата на Европската енергетска заедница, дека новиот закон не може да важи за постојните, туку само за идните гасоводни системи, власта се повикува на одредбите каде што се наведува дека со системот треба да оперира компанија во доминантно државна сопственост.

Доколку „Макпетрол”, фирмата што сега е дел од гасоводот, покаже непослушност, може да ѝ се случи и трајно одземање на цевките – експропријација. Таков е законот. Џабе Виена везе писма, кога Скопје тоа уште лани си го уреди, оставајќи сива зона во законот и можност за своеволно толкување!

Уште една, многу важна, да не речам најважна дејност, во која власта длабоко брцна, се медиумите. Во екот на акцијата за затворање на А1, власта протна закон за проширување на Советот за радиодифузија, со луѓе од институции кои не можат името на премиерот да му го спомнат без да го прашаат за дозвола – претседател, Антикорупциска комисија, ЗЕЛС.

Со шест нови членови, ВМРО-ДПМНЕ оствари доминација во Советот за радиодифузија, од каде сега може да вклучува или исклучува фрекфенции, кога сака и како сака. Претходниот Совет, логично беше максимално оцрнет како испостава на Бранко Црвенковски. Сега слична судбина како за А1, ќе се готви и за секоја друга непослушна телевизија. Според закон, се разбира!

Кога преклани Владата реши да ги озакони своите долгови кон компаниите, бизнисот занеме. Соочена со немоќ редовно да си ги исплатува обврските кон градежниците, но и кон другите добавувачи, Владата донесе закон со кој се овозможи со анекс договори да ги одложува плаќањата на обврските. Власта убедуваше дека нема ништо спорно во законот!!!

– Тоа е начин на спогодбено решавање на ситуациите, кој се практикува во меѓународното право во сите земји – тврдеше министерот за финансии Зоран Ставрески.

Во меѓувреме, се случи очекуваното. Неликвидноста на стопанството се зголеми како резултат на ваквите законски измени. Фирмите, особено оние што работеа и работат на „Скопје 2014″, трупаа сѐ поголеми побарувања. Според некои неофицијални бројки, само на градежниците Владата им должи фантастични 80 милиони евра. Во рамки на законот, де.

Но, дека ова не е најстрашно што може да им се случи на бизнисмените, покажа и владината одлука за затворање на откупните пунктови за старо железо. Над 2.000 вработени се соочија со инстант отказ, затоа што некому, па макар тоа било и на седница на Влада, му текнало да ја забрани оваа дејност. И тоа, нормално да си биде во законски рамки.

Дека бизнисмените најдиректно можат да бидат погодени од желбата за пресметка, и дека законски стануваат глинени гулаби, покажа и примерот на градбата на Фијат Цаноски. По уривањето на „Космос”, власта носеше измени на Законот за градба за да го озакони уривањето, затоа што излезе дека инспекторката немала надлежност за нешто такво!

Власта нема проблем со законите и законитоста, тоа го покажува и постојаното инаетење со Уставниот суд. Кога падна лустрацијата за луѓето од невладините, за новинарите, поповите… кои не се на јавни функции, власта најави нова битка, повторно на работ на уставноста. Ќе удри таму каде што, смета власта, најмногу ја боли опозицијата, во транзициските олигарси на Црвенковски. Повторно, под велот на реформите и на наводните европски директиви, се турка закон погоден за пресметка со непослушните!

ПОЛИТИКАТА ГО НАДВЛАДЕА ПРАВОТО

Сево ова покажува дека на власта и се може сѐ, доколку така науми. Првиот човек на Хелсиншкиот комитет, Гордан Калајџиев, прецизно ја објаснува таквата поставеност на македонскиот систем:

„На некој начин, институциите на системот стануваат окупирани од политиката. Едноставно, актуелната политичка гарнитура не покажува разбирање за тоа како функционира една правна држава и како да замислува дека сите институции на системот се алатки за да се спроведе волјата на партијата што добила на избори, еден популистички пристап”.​

Калајџиев вели дека власта не ги ферма правните механизми, туку се става над нив.

„Не покажуваат воопшто разбирање дека во системот, овие механизми на правната држава и на поделба на власта во модерните демократии се поставени за да се спречи политиката да го надвладее правото. Контролните механизми се ставаат за да заштитуваат од арбитрарност и злоупотреби. Ние, од друга страна гледаме се повеќе демонстрација на моќ на групацијата што ја има политичката моќ во моментов” – вели Калајџиев за Радио Слободна Европа.

Законите во Македонија се ставени во служба на Владата, а не обратно, како што е редот, Владата да биде во служба на законите, велат експертите. Очевидниот обид да се завладее со сите сфери во општеството во земјата, донесоа апсурдна ситуација, спротивна на сите теории за уредување на државата. Законите треба и мора да постојат за да го издигнат и заштитат поединецот над државата и над нејзиниот обид за самоволие. Тоа е разликата меѓу вистинските демократии и тоталитарните режими.

Публицистот Луан Старова во својот роман „Времето на козите” мошне умешно потсетува на далечните 50-ти, во времето на Тито, кога беше донесен Закон за забрана на чување на козите, заради наводната грижа за шумите. Овој закон денес е парадигма на една наопаку поставена реалност:

„Ние, децата во нашето семејство, кога одеше татко ми на работа, се почесто го пуштавме радиото со надеж први да ја дознаеме веста за уништувањето на козите и тогаш први нешто да сториме. Родителите во тие денови не зборуваа за козите за да не нè вознемират и растажат. Но едно утро, најпосле, од радиото дојде првата вест за крајот на козите.

– Козите – ечеше енергичниот глас на спикерот – се заколнати непријателки на социјализмот. Поради козите нашата прославена работничка класа никогаш не би можела да стигне до комунизмот. Козите ги уништуваат социјалистичките добра: горите, шумите. Затоа треба сите здружено да ги уништиме…”, пишува Старова.

Денес, за наопаку поставената македонска реалност, вистински предизвик е да се избори со своето „Време на козите”. Македонија, по структурната поставеност, и по патоказот кој води кон ЕУ и НАТО, не се вбројува во тоталитарните режими. Но, постојат низа чекори кои се повеќе ја отежнуваат нашата задача, Македонија да ја препознаеме или барем приближиме, кон семејството на западните демократии. Да го прескокнеме ова ново македонско доба „на козите”!

ГАСОВОДОТ НАЕДНАШ СТАНА ИНТЕРЕСЕН ЗА ДРЖАВАТА!

Владата лани усвои закон со кој прецизираше дека оператор што ќе биде во доминантна државна сопственост може да го раководи гасоводниот систем. Во новиот Закон за енергетика, во кој пишува дека оператор со системот може да биде само компанија што или државна или доминантно државна. Со тоа, на ГАМА, во која 50 проценти од акциите поседува Макпетрол, и се заканува одземање на лиценцата за пренос. Таа ќе биде дадена на новата фирма МЕР, која е 100 отсто државна.

Европската енергетска заедница (ЕЕЗ) се противи на ова:

– Ние бевме убедени дека оваа нова функција нема да биде поврзана со управувањето на постојната мрежа, туку со управувањето на потенцијалната нова гасна инфраструктура што треба да биде изградена во иднина – вели Славчо Нејков, првиот човек на ЕЕЗ.

РАДИОДИФУЗИЈА ЌЕ БИДЕ ГЛАВЕН УРЕДНИК!

Минатата година со законски измени беше овозможено проширување на Советот за радиодифузија, тело кое ,диригира, со работата на електронските медиуми. Советот се зголеми од 9 на 15 членови, со што Владата востоличи мнозинство во ова регулаторно тело, кое по дефиниција треба да биде независно. И овој закон беше донесен под флоскула за унапредување и реформи, во сите сфери, па и во медиумската:

– На Македонија ѝ е потребен медиумски поредок кој ќе ги унапредува професионалните новинарски стандарди, истакна претседателот на новиот Совет за радиодифузија, Зоран Трајчевски.

ВЛАДАТА ЌЕ ПЛАЌА КОГА САКА И КОМУ САКА – СПОРЕД ЗАКОН!

Преклани Владата, преку измени на Законот за јавни набавки, си ги озакони долговите кон компаниите и ја пролонгираше обврската за плаќање на својот борч кон стопанството. Иако бизнис заедницата предупредуваше на последиците од овој закон, тој, едноставно, под палка на министерот Зоран Ставрески се протурка во Собранието, со што стотици милиони евра тешките долгови кон стопанството се префрлија за плаќање во наредните години.

Неликвидноста се зголеми, а фирмите, особено оние што работеа и работат на „Скопје 2014″, трупаа се поголеми побарувања. Според некои бројки, само на градежниците Владата сега им должи фантастични 80 милиони евра. Бизнисмените молчаливо ги прифатија измените на законот, а државното самоволие беше ставено во законска рамка!

ЛУСТРАЦИЈА ЗА ИНАЕТ НА УСТАВНИОТ СУД

Откако Уставниот суд го поништи Законот за лустрација на новинарите, поранешните политичари, свештени лица или членови на невладини и други организации, кои не се носители на јавни функции, власта одново покажа иновација во носење на закони, онака како што сака, без претходна јавна расправа. Ако не бива за невладините и новинарите, бива за олигарсите. Не вредеа обидите на експертската јавност, да ја убеди Владата дека и овој закон се коси со уставните начела.

За луѓето од Илинденска тоа беше уште еден реформски потег. Повикувајќи се на европските препораки и резолуции, за завршување на лустрацијата, еден од предлагачите, Силвана Бонева, рече дека не може да има помирување без прифаќање на одговорностите!

СО ВЛАДИНА ОДЛУКА СЕ ЗАБРАНИ ЦЕЛА ДЕЈНОСТ!

На почетокот од годинава, власта донесе одлука – на шест месеци да го забрани откупот на старо железо, дејност од која живеат околу десетици илјади семејства. Владата убедуваше дека со тоа се превенираат кражбите на старо железо, иако експертите ги убедуваа министрите дека не смее да се затвори цела дејност поради тоа што има поединечни случаи на кражби на железо. Тоа е речиси исто, како да ги затворите сите банки, затоа што во некоја банка се случила кражба. Собирачите на старо железо одговорија со протести пред Владата и со најава за радикални протести, изнесување на механизацијата и блокирање на граничните премини!

ЗАКОН ЗА ЛЕГАЛИЗАЦИЈА НА УРИВАЊЕТО НА КОСМОС?!

Неколку месеци откако беше урнат станбениот комплекс „Космос” на Фијат Цаноски, власта предложи измени за Законот за градење, затоа што, практично, инспекторката што го спроведе уривањето немала надлежност за таа работа. Таа била надлежна за категории од 3, 4 и 5, а „Космос” влегуваше во втора категорија. Грешката е во категоризацијата на објектите. Имено, таа се промени лани во февруари, но не се променија надлежностите на инспекторите.

Власта се обиде да ја поправи грешката и да им ги даде надлежностите на инспекторите – ретроактивно. Опозицијата сметаше дека тоа се прави со единствена намера – да се легализира уривањето на „Космос”!

Поврзани новости