Под сто нови случаи со Ковид-19, земјите од регионов ќе изработат протокол за отворање на границите

by Fokus

Во земјава во претходното деноноќие се регистрирани 89 нови случаи со Ковид-19 од направени 1.529 тестирања. Починати се седум пациенти, а оздравени 215 лица. Во меѓувреме, на видеоконференција на тема Ковид-19 во земјите од Западен Балкан, Грција и Бугарија, државите од регионов се договорија да изработат протоколи за отворање на границите.

Вкупната бројка на Ковид дијагностицирани во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 14.004,  бројката на оздравени пациенти е 10.722, на починати е 585, а во моментов бројот на активни случаи во земјата изнесува 2.697.

На Инфективната клиника во претходното деноноќие примени се осум пациенти.  Вкупно се хоспитализирани 80 пациенти од кои на кислородна поддршка се 54, нема пациенти на механичка вентилација.

Во болницата во Козле се хоспитализирани 18 возрасни пациенти позитивни на Ковид-19, седум позитивни деца, една мајка и едно дете суспектни на вирусот.

Во ГОБ „8 Септември“ примени се четири пациенти. Вкупно хоспитализирани се 37 пациенти од кои на респираторна машина се пет пациенти.

Во болницата во Битола се хоспитализирани 15, а во болницата во Штип се хоспитализирани 45 пациенти. На инфективните одделенија во Тетово, Охрид, Велес, Куманово, Прилеп, Гостивар, Струмица и Струга се хоспитализирани 107, позитивни и сомнителни на Ковид-19.

Министерот за здравство Венко Филипче вчера учествуваше на видео конференција со своите колеги од регионот на тема „Ковид-19 во земјите од Западен Балкан, Грција и Бугарија“.

На видео конференцијата која ја иницираше министерот Филипче, учесниците информираа за состојбата со коронавирусот во своите земји, предизвиците со почетокот на учебната година, подготовките на системот за есен и процесот за набавка на вакцината.

Филипче информираше дека во моментов, земајќи ги во предвид главните индикатори за евалуација на епидемијата, состојбата во нашата земја е стабилна.

 

Во однос на границите и слободното движење на патници во земјите од регионот, Филипче посочи дека треба да се заземе координиран пристап помеѓу земјите како границите да бидат отворени и да им се олесни преминот на патниците, а притоа да се обезбеди контрола над ситуацијата со коронавирусот, на што се сложија и останатите учесници на конференцијата.

Врз основа на тоа, на видео состанокот е договорено да се изработи иницијален документ на заемен протокол за границите. На документот ќе работи работна група составена од членови од сите земји на Западен Балкан, Грција и Бугарија, а следната видео конференција на која ќе се дискутира за протоколот ќе се одржи најдоцна за две недели, стои во соопштението од Министерството за здравство.

Поврзани новости