Дел од пратениците кои го дадоа својот глас за иницијативата на Владата за пристапување кон уставните измени се под 24 часовна заштита на полицијата поради закани по нивната безбедност. Неофицијално од МВР дознаваме дека под полициска заштита се не само пратениците од ВМРО-ДПМНЕ кои гласа спротивно на партискиот став поради што и беа исклучени, туку и пратеници од владејачкото мнозинство.
„Се преземаат стандардни мерки за гарантирање на безбедноста. МВР ја гарантира безбедноста на сите граѓани и секако на пратениците“, велат официјално од Министерството.
Вечерта по гласањето и премиерот, Зоран Заев, им вети на пратениците од ВМРО-ДПМНЕ дека ќе бидат заштитени, не само тие туку и нивните семејства.
„Бидете сигурни, луѓето во Македонија нема да заборават што направивте за иднината на земјата. И бидете сигурни дека, како премиер, јас останувам на зборот дека ќе ја гарантирам вашата сигурност и сигурноста на вашите семејства“, рече Заев обраќајќи им се на пратениците од опозицијата кои гласаа „за“.
Во меѓу време не стивнуваат реакциите на социјалните мрежи. На официјалните фејсбук профили на овие пратеници редовно се постираат нови закани, навреди, пцости и вулгарности. Седуммината пратеници беа ставени на некролог, каде се повикуваше на нивна ликвидација, а МВР веќе поднесе и една кривична пријава поради закани и ширење на говор на омраза.