Почна реконструкцијата на улицата „Востаничка” во општина Кисела Вода. Според градоначалникот на општината, Филип Темелковски оваа улица е една од главните артерии во Кисела Вода, и со нејзина рехабилитација ќе се подобри квалитетот на живеење на жителите од овој дел на општината.
-Со соработката со Градот Скопје го подигаме квалитетот на живеење во нашата општина и еден по еден клучните проблеми ги решаваме. Оваа улица со години не била реконструирана и никакви зафати не биле правени во овој дел од општината, истакна Темелковски по денешната посета на градежните активности на улицата „Востаничка”.
Општината Кисела Вода, како што информира, и во месната и во урбаната заедница Пржино ќе отпочне рехабилитација на улиците „Мила Мијалковиќ” и „Мариовска”.
Градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов кој денеска ги посети градежните активности на улицата во Кисела Вода истакна дека од денеска па во наредните 40 дена овде ќе се одвиваат градежни активности на целосна рехабилитација на коловозот и поправка на тротоарите онаму каде што е неопходно.
Тој најави дека во наредниот период ќе се реконструираат 20 улици низ Скопје, во сите 10 општини.
„Годинава градежната офанзива за реконструкција на сообраќајниците низ градот ја почнуваме подоцна поради пандемијата на ковид-19. Граѓаните на Скопје ќе добијат нови побезбедни улици, со што ќе се подобри квалитетот на урбаното живеење. Како и лани кога покажавме еден нов, брз и ефикасен начин на работа и оваа година улиците ќе се реновираат во кус рок, со работа и навечер. Ги замолувам скопјани за малку трпение бидејќи секои градежни работи предизвикуваат пореметување на секојдневието“, рече градоначалникот Шилегов.
Од буџетот на Град Скопје за реконструкција на улици се обезбедени околу 12 милиони евра.