Во Собранието денеска треба да биде формирана Комисија за оценување на основаноста на Предлогот за покренување постапка за утврдување одговорност на претседателот Ѓорге Иванов, што е на дневен ред на Комисија за прашања на изборите и именувањата.
Оваа комисија треба да брои 11 члена, кои ќе го отсликуваат составот во Парламентот, што значи дека мнозинството ќе има пет члена плус претседателот на Комисијата, а опозицијата пет члена севкупно. За седум дена Комисијата треба да достави извештај до претседателот на Парламентот Трајко Велјаноски за тоа дали е основан или не е Предлогот за покренување постапка за утврдување одговорност на Иванов. Потоа ова Велјаноски треба да закаже седница, на која пратениците со двотретинско мнозинство ќе се изјасни за него.
Предлогот за покренување постапка за утврдување одговорност на претседателот на државата е поднесен од страна на опозициските пратеници без ДПА, потпишан и од пратениците на ДУИ, додека ВМРО-ДПМНЕ се изјасни против.