Почнува учебната година во Грција

by Fokus

Со маски, антисептици, шише за повеќекратна употреба за вода за секој ученик, со одржување на потребното растојание и под здравствени правила и протоколи, но и со лице одговорно за Ковид-19 во секое училиште, денеска започнува новата учебна година во Грција, јави дописничката на МИА од Атина.

Одделенијата и класовите ќе бидат во полн состав, односно со присуство на сите ученици, а наставата ќе започне регуларно во 8.15 часот.

За децата и учениците од четири до 18  години, односно во забавиштата и градинките за деца од четири до шест години, како и во основните и средните училишта, но и за наставниците и професорите, задолжителна е употребата на маска, која ќе биде бесплатна за сите.

На првиот час предвидено е на учениците да им бидат претставени мерките за заштита од Ковид-19 согласно упатствата од Националната организација за јавно здравје и да им се поделат маските, шишињата за вода и учебниците.

Општините и училиштата во изминатите денови интензивно работеа на подготовки за почетокот на учебната година, а некои од општините, самоиницијативно поставија плексиглас на клупите, меѓу двете столчиња, за да се заштитат учениците.

На социјалните мрежи во Грција постојат групи кои повикуваат децата да не носат маска во училиштата, родителите што се членови на групите тврдат дека или нивните деца ќе ги пратат во училиште без маска или дека ќе останат дома и нема да ја следат наставата.

Минатата недела дури одржаа и протест во повеќе градови на Грција.

Сепак, надлежните министри во изминатите денови порачаа дека доколку некој од учениците не носи маска, тогаш нема да може да ја следи наставата и ќе добие неоправдано отсуство.

Паралелно, секое училиште ќе треба да одреди лице одговорно за Ковид-19 кое ќе биде задолжено за сомнителни или потврдени случаи на коронавирусот.

Задачата на одговорниот, кој ќе има и свој заменик, ќе биде да ги информира просветните работници и родителите за евентуалното појавување на сомнителен случај, како и за актуелните упатства од Националната организација за јавно здравје на Грција.

Доколку кај некој од учениците, додека е на училиште, се појават симптоми на коронавирусот, тогаш веднаш се известуваат родителите, а детето се изолира и се следат хигиенските правила.

Во случај тестот да е позитивен, тогаш ќе се проверат сите блиски контакти на ученикот, односно неговите соученици од одделението или класот и ќе бидат во 14 дневен карантин.

Учебната година денеска ќе почне во сите делови на Грција, со исклучок на Лезбос и Пела каде што сите училишта ќе останат затворени до среда, поради зголемен број позитивни случаи на Ковид-19 во конкретните области.

Поврзани новости