Почнува аплицирањето за субвенциониран студентски оброк

by Fokus

Од денеска студентите може да аплицираат за субвенциониран оброк со што ќе добиваат по 2 400 денари во период од девет месеци додека трае академската година. Аплицирањето ќе трае до 31 август, а оние студенти кои сè уште не запишале летен семестар односно идните бруцоши ќе може да се пријават од 1 до 31 октомври.

Од Министерството за образование и наука (МОН) велат дека може да аплицираат сите редовни студенти на државните и приватните факултети кои имаат државјанство на Република Северна Македонија. За да добијат студентски оброк тие треба да не се во редовен работен однос, да не се регистрирани како индивидуални земјоделци и да немаат месечен приход по кој било основ поголем од минималната нето-плата.

Од МОН потенцираат дека аплицирањето за субвенциониран студентски оброк се врши исклучиво електронски, преку порталот https://e-uslugi.mon.gov.mk/ а деталите околу начинот на аплицирање и потребните обрасци може да ги видат на објавениот јавен повик.

Откако ќе истече рокот за аплицирање, Министерството ќе ги информира студентите по електронски пат, а парите за оброк ќе ги добиваат на почетокот на секој месец.

Според пресметките, МОН вели дека е предвиден субвенциониран студентски оброк за околу 40 000 студенти. За оваа мерка, годишно се обезбедени околу 15 милиони евра од државниот буџет.

 

Поврзани новости