Денес, министерот за надворешни работи Никола Димитров, иницираше и оствари телефонски разговор со својот унгарски колега Петер Сијарто, а во врска со поднесеното барање за азил до унгарските власти од страна на поранешниот премиер на Република Македонија Никола Груевски.
За време на разговорот, министерот Димитров посочи дека во случајот станува збор за осуденик, против кого се водат и уште неколку други судски постапки за сериозни кривични дела. Министерот воедно ја потенцираше важноста на принципот на владеење на правото, кој претставува темелен европски принцип. Притоа укажа на парадоксалноста на ситуацијата да се бара политички азил во земја членка на ЕУ, од страна на личност во чие време на владеење, земјата кандидат за членство во ЕУ беше окарактеризирана како „заробена држава“ и од страна на самата Европска комисија.
Министерот Сијарто во телефонскиот разговор, ја потврди информацијата дека Никола Груевски поднел барање за азил до надлежните унгарски власти и дека правната процедура е веќе започната. Притоа нагласи дека унгарската поддршка за реализација на аспирациите за европска и евро-атлантска интеграција на Република Македонија, како и добрата билатерална соработка меѓу двете земји ќе продолжат и во иднина.