Денеска почна судскиот процес во Велес против лекарскиот тим кој беше обвинет за смртта на родилката Маја Кадиева и нејзиното бебе во гевгелиската болница. Обвинителен акт беше покренат против четворица лекари, двајца гинеколози и двајца анестезиолози, од кои едниот во април месец почина, а до ден денес се уште не се знаат точните причини за неговата смрт.
Судскиот процес го следи и сопругот на починатата родилка.
Според порталот „Дума“, судечкиот совет ја ислушал одбраната на тројцата обвинети лекари. Бранителите поднеле дополнителни докази, а сите тројца обвинети лекари пред судечкиот судија Габриела Гајдова рекле дека го разбрале обвинението, но и дека не се чувствуваат за виновни.
Според обвинението, родилката Кадиева на 21 октомври 2015 година била однесена без родилни болки во гевгелиската болница но, била земена на операција за породување – царски рез. Потоа била погрешно интубирана и се задушила што било причина и за смртта на бебето, кое се родило живо.
Во истрага, кај двајцата анестезиолози кои вечерта на 21 октомври 2015 година биле во операционата сала, беше констатирано присуство на алкохол во крвта.