На Денот на македонското новинарство, 17 февруари, во најголемата медиумска издавачка куќа Медиа принт Македонија, најголем дел од новинарите и другите медиумски работници стапија во штрајк на неопределно време. Штрајкот е во организација на Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници на Македонија (ССНМ), а одлуката неодамна ја донесоа синдикалните групи во дневните весници „Утрински весник“, „Дневник“ и „Вест“.
„Ваквиот непосакуван начин на борба за своите права на новинарите и другите медиумски работници, е директна последица на негрижата на сопствениците и менаџментот на компанијата за нејзиниот развој во основната дејност – издавање печатени медиуми и печатење на други производи.
Раководството на компанијата, за кое вчера јавноста беше информирано дека делумно веќе го напуштило бродот кој тоне, наместо грижа за одржување на тиражите на весниците и други иновативни решенија, портфолиото на медиумите го стави во слугинска улога на бизнис и партиски центри на моќ. Со тоа, тиражите на весницити кои поради светските трендови и онака беа намалени, почнаа вртоглаво да тонат. Наместо да се свестат, сопствениците на комапнијата излезот го побараа во постојано бркање на успешни уреднички тимови и новинари, а носејќи колеги кои им се по волја на властите“, велат од ССНМ.