Нема тендер што не може да се намести, ако имаш обвинител што знае да замижи!

by Фокус

Текстот е објавен на втори март 2012-та во неделникот „Фокус“ во бројот 870

Пишувала
Сашка ЦВЕТКОВСКА

Од барок и мерцедеси, до сокчиња, цвеќе, па дури и вести  – државните институции набавуваат сѐ и сешто, со или без мерка, со или без потреба, но најчесто она што недостасува е детална сметка! Сите знаеме колку чини барокот или колку чинат вестите од порталот „Курир” но она што не го знаеме е кој ги контролира набавките, како се бираат фирмите, како се потрошиле парите и дали е навистина набавено сето прикажано.

Се случува и да го дознаеме, тогаш кога државниот ревизор ќе го регистрира башибозукот со јавните набавки и флагрантното кршење на законите, но чуму ревизорот пишува, кога полето на интерес на обвинителите не оди подалеку од маалските обложувалници. Сепак, парите не се мали  – околу 750 милиони евра буџетски пари се одлеале во јавните набавки минатата година. Се трошело на сѐ и сешто, но честа да „лапнат” најголемо парче од тортата ја имале само големите фирми.

ТЕНДЕРИ ПО МЕРКА ЗА ПОСАКУВАНИТЕ ФИРМИ

Доволно е малку да се ѕирне во критериумите за избор за фирмите на тендери, за брзо и успешно да се воспостави „дијагнозата”.  Без разлика каков производ или услуга се набавува, институциите не ретко имаат чудесни желби кога  е во прашање финансискиот и кадровскиот потенцијал на фирмите.

Низа примери се регистрирани во последниот извештај од мониторингот врз јавните набавки од страна на центарот за граѓански комуникации, но еден од поинтересните е оној во кој една институција објавила оглас за набавка на продукти за топли оброци (месо, леб, млеко, овошје и слично) и при тоа барала ни помалку ни повеќе, туку понудувачите да имаат миниум обрт на пари од 730.000 евра, а сакале да набават производи од 21.000 евра.

Небаре преродбеничкава администрација не јаде манџа ако компирот не е набавен од фирма – џин со минимум обрт од точно 730.000 евра! Секако, на тендерот се јавила само една фирма понудувач и секако, баш со таа фирма со толкав обрт за толку мала набавка, се задоволиле апетитите на набавувачите.

Друг пример кој одлично го илустрира проблемот со фаворизирањето на одредени фирми и сомнителните критериуми под кои се избираат е тендерот за набавка на хемикалии за технолошки процес во Министерството за животна средина.

Имено, за набавка од само 83.000 евра, колку што нудело министерството за хемикалиите, тие барале фирма која имала годишен обрт 1, 6 милиони евра, за секоја година поединечно во последните три години, остварена добивка од 813.000 евра годишно, исто така за последните три години, но и минимум триесет вработени, минимум пет договори во област слична на она што се набавува, минимум пет години работно искуство.

Фалело уште да го напишат  и името на фирмата, оти тешко кој ќе поверува дека баш овие критериуми се извонредно важни за изборот на фирма на тендерот. Приказната на крајот оди отприлика вака – на крајот се јави една единствена фирма која се погоди баш да ги исполнува овие критериуми…

– Ваквиот пристап во дефинирање на способноста на фирмите за учество на тендерите и вака грубото лимитирање на конкуренцијата е крајно тенденциозно. Неопходно е да се сопре со сегашната тенденција на  злоупотреба на критериумите за квалификација на фирмите за учество на  тендерите како средство за дискриминација на понудувачите и за намалување  на конкуренцијата – забележуваат од Центарот за граѓански комуникации

Ако за манџите и хемикалиите важат едни, за спотовите важат сосема други стандарди. Што се не може да истрпи тендер, кога е уметноста во прашање! Па така, друга институција при набавка на продукција на едукативни телевизиски филмови побарала од фирмите понудувачи „незначителен” обрт од само 43.000 евра, и тоа за набавка во вредност од 84.000 евра.

Тука воопшто не бил важен обртот на пари, ниту структурата на вработени, ниту добивките, туку важно било да се најде човек што знае да прави спот и – толку. Секако, да беше толку важен обртот и за аудивизуелниве уметности кога се прават набавки, зарем ќе добиеше шанса некогаш анонимната „Република” толку многу да твори на тема владини спотови.

СЕКОМУ СПОРЕД ЖЕЛБИТЕ?!

„Фокус” доследно ги следеше чудата од набавки, кои институциите си ги дозволуваат. Не само критериумите, туку и желбите понекогаш им се сомнителни. На пример, желбата да се рекламираат и да набавуваат вести.

Така на пример, општина Гази Баба му исплатила 340.000 денари на порталот „Курир”, кој важи за провладин, за набавка на обработени аудивизулени вести и доставување агенциски вести од земјава и странство. Се разбира, без објавување конкурс за таквата набавка, оти со постоечкиот закон тоа им се може.

Другите општинари наголемо се рекламираат. Од Делчево, преку Прилеп до општина Бутел – секој набавувал услуги за рекламирање и промоција на успесите на општината во локални агенции и телевизии. А речиси сите, без исклучок, истражувале јавно мислење. Не било каде, туку сите во Институтот за политички истражувања. Ниту се знае што испитувале, ниту зошто испитувале и како им текнало баш во тој институт и никаде на друго место.

Општина Велес пак глатко си потрошила речиси 60 илјади евра на кафеани во 2010 година и тоа само во два хотела и нивните ресторани. И општина Кочани не отишла подалеку од омилените две-три биртии во градот. И така е речиси секаде. Изборот на понудувач без оглас е како скроен за да му се даде работата на најпосакуваниот  понудувач.

НИ МАЧКААТ ОЧИ СО МАЛАТА КОРУПЦИЈА

Критериумите по кои се избираат фирмите понудувачи се само една алка во системскиот башибозук со јавните набавки. Фирмите не ги почитуваат законските обврски за доставување на одлуките за склучен договор до бирото за јавни набавки, се набавува без да се објави оглас, се склучуваат договори во четири очи, бројот на поништувања останува голем, се склучуваат договори над проценетата вредност, се прават анекси на договорите за кои никој не може да утврди дали потребата за анекс била нужна или не и така натаму.

Но што од тоа? Бирото за јавни набавки може да даде препорака и – толку. Обвинителството може да покрене постапка по извештаите на ревизорот, но не покренува, а тековно не постои надлежен кој може да ги контролира набавките. Нема санкции за прекршителите и нема кој да утврди дали можеби некој анекс за некој објект бил склучен затоа што навистина преставувал нужност (оти анексите се склучуваат само во такви ситуации) или пак, се работи за злоупотреба и изигрување на законите.

Е сега ќе се менува законот. Фрчеа фалби преродбенички дека нема да се дозволи ниту сомнеж за корупција со набавките. Па се тргна од најлесното – договори во четири очи повеќе ќе нема. Тоа е добро и е дефинитивно позитивна новина, ако знаеме дека општина Гази Баба, да речеме, во иднина нема да може да си набави вести од „Курир” во четири очи, туку ќе треба да објави оглас, па можеби и конкуренцијата ќе конкурира за да ги задоволи потребите за аудиовизуелни вести на оваа општина.

Но толку. Договорите во четири очи ќе ги нема, како и договорите без објавување оглас, но тие договори беа карактеристични за малите набавки до 5 илјади евра.

А што е со големата корупција? Што е со контролата врз набавките? Е ништо, нека биде ова трик прашање за Љупчо Шврговски од редакцијата „Фокус”, чиј годишен „обрт” на текстови за тендери со гаранција ќе може да задоволи некој нареден конкурс за избор на понудувачи на “вести”!

ЗЛОУПОТРЕБИ ИМА, КАЗНЕТИ НЕМА!
Државниот ревизор констатира ли констатира злоупотреби и непочитувања на законите во процесот на набавките, но обвинителството и Антикорупциската комисија не ги есапат извештаите. Ова нивно однесување станало интересно и за Европската комисија, која во годишниот извештај забележала дека тоа што не постои судска статистика на предметни за злоупотреби со јавните набавки не значи дека злоупотреби нема, туку дека некој тука не си ја работи својата работа!

 

ОГРОМНИ РАЗЛИКИ ВО ЦЕНИТЕ
Очигледно кога се во прашање набавките за вкусовите не се расправа. Па така, градоначалникот на Штип и неговиот колега од општина Ѓорче Петров имаат поскап вкус и ценат квалитет па тие купуваат клима уреди во вредност од 23.000 денари, додека оние поскромни барања од Народна банка набавуваат клими од по 11.000 денари. Исто е и преводите. Собранието на Република Македонија набавува преводи за  2.000 денари од страница, а Фондот за пензиско и инвалидско осигурување за 300 денари по страница!

Поврзани новости