Почна собраниската седница за интерпелација на Владата поднесена од ВМРО-ДПМНЕ. Опозиционерите на седницата дојдоа со транспаренти на кои пишува дека нема бесплатно болничко лекување и нема нова опрема за пациентите како и прашање „Колку доктори во 2017 година заминаа во странство“.
Во образложението на барањето за гласање доверба на Владата потпишано од 41 пратеник од ВМРО-ДПМНЕ, меѓу другото, се наведува дека Владата предводена од СДСМ и ДУИ во изминатиот период покажала дека нема капацитет за водење на институциите кои се под извршната власт.
Од ВМРО-ДПМНЕ обвинуваат дека во изминатите десет месеци владејачките партии заборавиле на предизборните партиски програми и ветувања кои ги дале пред граѓаните и не оствариле ниту еден единствен проект и реформа со кои ја барале довербата од граѓаните.
Според ВМРО-ДПМНЕ, во изминатиот период Владата извршила партизирање на институциите, бркање од работа на професионалците од институциите и нивно деградирање, заробено судство, луксузирање на владините функционери со пари на граѓаните, политички реваншизам и слично.
Како погубни се оценети и економските политики и планот „3-6-9“ и се обвинува Владата за класично распродавање и негрижа за прашањата од национален интерес.
Нема информации како ќе се одвива текот на седницата и каков ќе биде соодносот на обраќањата на пратениците од опозицијата и владејачкото мнозинство.
Извесно е дека опозициската партија нема да собере 61 голас за да се изгласа недоверба на Владата на премиерот Зоран Заев. Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Драган Данев вчера апелираше до пратениците да гласаат за интересите на граѓаните, а не за партиските и за личните интереси и да го поддржат нивното барање.