Поголема група на луѓе веќе е собрана пред Уставниот суд за да го изрази револтот од последната одлука на Судот со која претседателот на државата може да помилува осудени за изборни измами, но и силувачи, педофили и терористи. Демонстраните извикуваат „Долу диктатурата“ и „Нема правда, нема мир“.
-Судиите Елена Гошева, Никола Ивановски, Владимир Стојаноски, Вангелина Маркудова и Јован Јосифовски, гласајќи за оваа одлука ги згазија и Уставот и правото и правдата. Нивната постапка покажува дека тие ниту го штитат Уставот, ниту пак, јавниот интерес. Тие се само продолжена рака на партијата на власт и соучесници во изборните кражби, затоа што, причинско-последичната врска меѓу нивната одлука и случајот „Титаник“ кој го води Специјалното јавното обвинителство е повеќе од очигледна, велат од платформата за граѓанска политика „Ајде“, која е иницијатор на протестите пред Уставен суд.