Почна „Октоберфест“ – пивото поскапо за околу 6 отсто

by Fokus

Денеска во Минхен започна 188-от Октоберфест, каде што милиони посетители годинава ќе треба да издвојат повеќе пари за литар пиво, имајќи го предвид растот на цената од 6 отсто во споредба со минатата година.

Со традиционалниот извик „Озапфт е“ (Се излева), градоначалникот на баварската престолнина Дитер Ритер денеска точно напладне го означи официјалниот почеток на традиционалниот 188-ми фестивал, објави АП.

Посетителите облечени во традиционални кожени панталони и фустани дирндл се собраа рано во десетиците шатори каде чекаа да го испијат своето прво пиво.

Литар пиво чини меѓу 12,60 и 14,90 евра, што е за околу 6,1 отсто повеќе од претходната година.

За првпат годинава на територијата на фестивалот ќе има бесплатна вода за пиење од четири автомати.

За безбедноста за време на пивофестот ќе се грижат околу 600 полицајци.

Повторно, поради безбедносни причини, на фестивалот се забранети поголеми чанти и ранци. На местото на настанот ќе има и 450 болничари и 55 лекари.

 

Поврзани новости