Дванаесетте кандидати за претседател на Франција од денеска ќе располагаат со подеднакво време за говор. Додека радиото и телевизијата ќе можат да емитуваат клипови од кампањата, Французите наскоро ќе ги добијат и програмите на претендентите за Елисејската палата, јавува дописникот на МИА..
Изминатиот викенд беше во знакот на мобилизација на сите кандидати, со денешниот почеток на официјална кампања, сега им остануваат две недели за да го привлечат вниманието на Французите, кои се досега беа повлечени, на само тринаесет дена пред првиот круг на изборите закажан за 10 април.
Паралелно, бројни анкети следат една по друга и го ставаат претседателот во заминување далеку пред Марин Ле Пен, која од блиску ја следи Жан-Лук Меланшон. За четврто и петто место се борат Ерик Земур и Валери Пекрес. Речиси четириесет отсто од гласачите кои сигурно ќе гласаат сè уште не го направиле својот избор и „се двоумат“, потсети Аделаида Зулфикарпашиќ, директорка на БВА Опинион. Апстиненцијата, исто така, навидум лебди над овие по многу нетипични претседателски избори.
Здравствената криза поврзана со Ковид-19 и војната во Украина ја уништи кампањата која бавно се развиваше, и покрај тоа што кандидатите работат во полна пареа.
Со почетокот на официјалната кампања влегуваат на сила и строгите правила. Време на говор, официјални плакати, клипови од кампањата… Од кандидатите се бара да се придржуваат до овие строги правила. Времето на говор на дванаесетте претседателски кандидати сега се брои според принципот на строга еднаквост, секој има исто време за емитување во медиумите.
Тоа мќе биде тежок испит за медиумите и за органите за контрола, бидејќи не секогаш е лесно да се направи такво нешто кога шефот на државата е во центарот на вниманието како актуелен претседател на Европската унија и поради конфликтот во Украина.
Денеска, исто така, почнува и времето за предизборни клипови на радио и телевизија, како и испраќањето на програмите во поштенските сандачиња на околу 48,7 милиони Французи регистрирани на изборните листи.
Официјалната кампања ќе заврши на 9 април на полноќ, ден пред изборите. Вториот круг е закажан за 24 април и само двајца од дванаесетте кандидати ќе ги одмерат силите.