Почна изградбата на Панорамското тркало вредно 18,3 милиони евра

by Фокус

Почна да се гради Панорамското тркало, односно се поставуваат неговите темели, меѓу Камениот мост и мостот „Гоце Делчев“. За изведба на ова здание од проектот „Скопје 2014“ се издвоија неверојатни 18,3 милиони евра.

Барокниот објект ќе има дијаметар од 57 метри, при што истиот ќе се издигне 73 метри над брегот на реката Вардар. На тркалото ќе бидат поставени 30 кабини во форма на гондоли со носивост од 750 килограми. Како придружни објекти ќе бидат изградени кафетерија, сувенирница и ресторан. Рокот за изведба е пет години.

Изготвувањето на проектот ѝ беше доверенo на австриската „Hotelconcept GmbH“, според идејното решение на „Massabni architects GmbH“, исто така од Австрија.

Финансирањето на проектот од Град Скопје во 2013 го презеде Јавното сообраќајно претпријатие – ЈСП откако Градот објави оглас за заинтересирани вложувачи, но практично зад финансирањето стојат јавни институции и државниот буџет кои како донатори треба да го снабдат скопското јавно претпријатие со дел од неопходните финансиски средства за претстојните градежни работи.

Во 2014 година, Агенцијата за електронски комуникации (АЕК) одлучи да му донира еден милион евра на ЈСП-Скопје како помош при изградбата.

 

Поврзани новости