Пријатели и колеги на Весна Најдоска, професионален возач во ЈСП, на социјалните мрежи се простуваат од неа.
Почина на 50-годишна возраст, а пораките кои ги оставаат блиските сведочат за нејзината големина. Ја спомнуваат како прекрасна жена, но и неверојатен возач, која големиот дел од животот го минала зад воланот на автобусот.
Професијата возач на автобус, барем во нашата земја се уште на некој начин се смета како машка работа, и не се многубројни жените возачи.
Синот на Весна, Мартин, во разговор за ,,Фокус” открива дека неговата мајка ја имала љубовта кон возењето од млади години. Аплицирала за возач на автобус во ЈСП уште на свои 22 години, но била одбиена.
-Кога ја виделе, млада,на околу 22- 23 години, плус и женско, во тоа време, ја одбиле. Но љубовта кон возењето и останала, па таа подоцна пак аплицираше и беше примена на работа како возач. Мајка ми е помеѓу првите жени возачи во ЈСП. Има многу анегдоти од нејзината работа. На почеток, кога ќе ја виделе патниците, некои од нив дури и не се качувале во автобусот, бидејќи се плашеле. -Ај леле, женско ли ќе не вози, викале, но потоа, со тек на време, кога ја запознале и увиделе дека е одличен возач, без проблем влегувале во автобус, дури и штом ќе ја виделе, знаеле да кажат – Ах, еве иде Шумахер- се присетува синот на Весна.
Додава дека целото семејство било гордо на неа и сите и биле голема поддршка.
-Со упорност и многу љубов и се оствари желбата да биде возач на автобус и тоа го правеше посветено до крајот на животот. На 28-ми јануари наполни 50 години, по два дена почина од Ковид-19. Ни остави само убави спомени нам,на билсиките, но и на патниците кои многу ја сакаа, на колегите од ЈСП кои ја ценеа… Се сеќавам дека пред неколку години таа беше во соседна Бугарија, на интернационален натпревар во возење на автобус. Беше единствена жена учесничка, но сепак успеа да освои прво место. Никогаш нема да биде заборавена, раскажа Мартин.
Вики Клинчарова