Почина Роберт Редфорд

by irena 15:30
15:30

Актерот и режисер Роберт Редфорд почина. Имаше 89 години.

Редфорд, кој е познат по своите улоги во класици како што се „Буч Касиди и Санденс Кид“ и „Сите луѓе на претседателот“ и го обнови американскиот независен филм како член-основач на Филмскиот фестивал Санденс, почина утринава во својот дом во Јута.

Синди Бергер, извршен директор на фирмата за односи со јавноста „Роџерс и Кауан ПМК“, ја сподели веста во изјава за „Њујорк тајмс“. Таа рече дека Редфорд починал во сон, но не наведе конкретна причина.

Роберт Редфорд, роден како Чарлс Роберт Редфорд Џуниор на 18 август 1936 година во Санта Моника, Калифорнија, беше еден од најважните и најразновидните американски филмски уметници од втората половина на 20 век. Тој беше познат како актер, режисер, продуцент и основач на Филмскиот фестивал Санденс, а неговата кариера траеше повеќе од шест децении.

Тој пораснал во семејство од средната класа – неговиот татко Чарлс бил сметководител, а неговата мајка Марта починала кога Роберт имал 18 години, што оставило длабок белег врз него. Како млад човек бил склонен кон бељи и често запаѓал во неволји, но откако добил стипендија за студирање уметност на Универзитетот во Колорадо, почнал посериозно да размислува за својата иднина. Ги напуштил студиите, патувал низ Европа и живеел некое време како млад уметник во Париз и Фиренца.

По враќањето во САД, се запишал на студии по глума на Американската академија за драмски уметности во Њујорк, што го означило почетокот на неговата актерска кариера.

Најпрво, Редфорд се појави на телевизија и во театарски претстави, а привлече пошироко внимание со својата улога во бродвејската претстава „Недела во Њујорк“ во 1961 година. Својот прв значаен филмски успех го постигна со улога во комедијата „Бос во паркот“ (1967) со Џејн Фонда, а светска слава стекна со вестернот „Буч Касиди и Санденс Кид“ (1969), во кој глумеше заедно со Пол Њуман. Филмот стана култен класик и му ги отвори вратите кон светот на најголемите холивудски продукции.

Својот приватен живот го држеше што подалеку од јавноста. Беше во брак со Лола Ван Вагенен од 1958 до 1985 година и имаат четири деца, иако изгубија едно дете на рана возраст.

Во 2009 година се ожени со Сибил Сагарс, германска уметница.

Се смета за еден од последните големи холивудски актери од „златната ера“ кој успеа да ги комбинира комерцијалниот успех и уметничкиот интегритет, оставајќи зад себе неизбришлив белег како актер, режисер и културен визионер.

Слични вести