Во Охрид денеска по кусо боледување на 70 години почина Тоде Илевски, поет, писател за деца и млади, сатиричар, хуморист, преведувач, енигматичар и шаховски проблемист.
Тоде Илиевски е роден 1952 година во село Мраморец, во Дебрца. Гимназија завршил во Охрид, а Филолошки факултет во Скопје.
Автор е на книгите „Ведро едро”, „Концерт за шумите”, „Изворите во горите”, „Зелен блен”, „Лов на Лебедовото Езеро“, „Приватните библиотеки во Охрид и Охридско“, ко-авторство со Виолета Мартиновска, како и „Липов чај”, „Ќерката на поетот“ поезија и „Јатките на загатките“.
Членувал во редакциите на „Јужен бран”, „Спизалит“ и „ Радосна вест”. Одделни песни му се препеани на други јазици, а самиот има преведувано дела од словенските јазици. Објавил преку девет илјади енигматски состави, претежно анаграми, палиндроми и ребуси. Најголемиот дел е публикуван во „Котелец”, а помал дел во хрватски и српски енигматски списанија. Застапен е во „Лексиконот на енигматичарите на Југославија“, како и во разни избори во енигматските списанија.
Има објавено околу 450 шаховски проблеми во бројни специјализирани списанија за шах во 20 земји. Застапен е во Антологијата на македонскиот проблемски шах и во светската антологија „Албум ФИДЕ”.