Вчера во Австралија почина Жанета Филиповска, модна дизјанерка и голема хуманистка, основач на битолското женско здружение ,,Штикла’’ кое во повеќе наврати организираше хуманитарни акции во Мелбурн, Австралија, и донираше на загрозени групи на граѓани во Македонија.
Битолчанката, која околу триесет години живееше и имаше успешна кариера во Австралија починала по двегодишна борба со ракот на градите, а веста ни ја потврди нејзиниот син Деан Филиповски.
Блиски пријатели и соработници на дизајнерката се во шок од нејзиното прерано заминување. На нејзиниот Фејсбук профил постојано постираат пораки со сочувство до семејството, и ја спомнуваат нејзината голема волја за живот, модните креации со кои што им ги разубавувала свеченостите, позитивниот дух кој што не ја напуштил до последниот момент.
Битолчанката со години наназад беше вистински хит во Австралија. Таа облекуваше голем број австралиски ѕвезди, а модните ревии и беа едни од најпосетените. Нејзните креации се продаваат во трговски центри во Мелбурн и Аделаид, и таа беше помеѓу најбараните дизајнери кога се во прашање венчаниците.
Пред неколку години ни раскажа дека уште како дете сакала да креира облека, а кога пред околу тресет години се преселила во Австралија, почнала и професионално да се занимава со своето хоби.
,,Се започна со едно мое патување во Австралија пред долги години. Дојдов на шетање, но ете судбината сакаше да останам овде и да ја градам мојата кариера далеку од Македонија. Веднаш по пристигнувањето во Мелбурн започнав со работа. Почетокот беше тежок,но со посветеност на работата, резултатите почнаа да стануваат видливи за краток период. Модните критичари во Австралија доста ме поддржаа и нивните позитивни критики ми го отворија патот кон успехот“, ни изјави Жанета пред три години.
„Моите венчаници предизвикаа вистински бум на модниот пазар и станаа доста барани. Имам учествувано во голем број на емисии посветени на модата, дизјанирам фустани за многу ТВ серии, за разни проекти. Многу водителки и актерки се појавуваат во моите креации и тоа ми е голема стимулација да работам посветено и да се трудам уште повеќе“, ни изјави тогаш модната дизајнерка.
Таа често учествуваше и во хуманитарни модни ревии, а нејзиниот црвен фустан, кој беше презентиран на една од хуманитарните ревии, потоа беше користен во позната театарска претстава и стана еден вид на знак на препознавање на нејзината работа.
,,Често се појавувам со свои модели на хуманитарни ревии, а ќерка ми Јулија многу пати ја има улогата на модел на моите ревии. Сакам да им помогнам на луѓето, а пред неколку години го оформив женското друштво ,,Штикла’’ кое што досега организираше многу хуманитарни акции. Во Австралија модните креатори кои што се веќе докажани во својата работа заработуваат добро, па така моите фустани достигнуваат цени од 500 долари за придружничките на невестатата, до 10.000 долари за невестинските. Доколу останев во Македонија, знам дека тешко ќе ги постигнев тие цени’’ – раскажуваше Жанета.
Вики Клинчарова