Фолк пејачката Андријана Андреевска ја изгуби битката со ракот. Веста дека младата пејачка починала ја објавија нејзини колешки, а естрадата во неверување со простува со неа.
Мајка на едно дете, живееше во Скопје, присутна на сцената речиси две децении, колегите ја опишуваат како скромна личност која никогаш не сакаше премногу да се експонира. Настапуваше на голем број на фолк фестивали, како на пример Прилеп Фест, Охридски трубадури, Роса Фест, Филиграни и други.
-Три години лавовски се бореше со лошата дијагноза, рак на белите дробови. Храбра жена, посветена мајка, човек со голема душа, раскажуваат нејзини колешки за ,,Фокус”.
Имаше голем број на турнеји кај нашата дијаспора и соработуваше со повеќе бендови.
Во 2014 година и се случи трагедија, кога нејзиниот долгогодишен партнер почина.
-Помина една година од неговата смрт, а јас се уште не сум спремна, се уште немам храброст да зборувам за сето она кое се случи. Бевме заедно цели 16 години, тоа е животот, секој со своите маки – ни изјави пред седум години.
Колегите велат дека беше чиста душа која многу ќе недостига. ,,Лажно срце”, ,,Одисеја”, ,,Ти ми требаш”, ,,Жена сум пак” и многу други авторски песни со кои настапуваше на фестивалите останаа зад неа.
Вики Клинчарова