Мајката на дете со трансплантиран црн дроб се појави во спот за важноста на донорството: Драг Лука, дали слушаш?

by Fokus

Јелена Димитријевиќ, мајка на пет-годишниот Константин од Панчево, кому пред четири години му беше трансплантиран црн дроб, се појавува во моќно видео за подигање на свеста за донирање на органи од починат донор во Србија.

За случајот со Константин, кој ја помина првата година од животот во болница, слушна целиот регион. Неговата мајка беше една од ретките која јавно проговори на темата, со цел да им даде поддршка на сите родители кои минуваат низ истата голгота како неа, и на чии деца им е потребна трансплантација на орган.

Во видеото кое во Србија беше промовирано во склоп на националната кампања за донирање на органи, таа се појавува во улога на трудница која му пишува писмо на човекот по име Лука, а чиј орган во минатото и бил дониран на нејзината мајка. Целта на видеото е да се покаже дека донирањето може да афектира неколку генерации од едно семејство, да им помогне на децата, родителите, внуците…

-Драг Лука, не знам како ова писмо може да стигне до тебе, но имам чувство дека не слушаш. Поминаа 30 години откако на мајка ми и го спаси животот. Да те немаше тебе, немаше ниту јас да постојам, а ни ова прекрасно суштество кое расте во мене. Никогаш нема да те заборавиме – пишува Јелена во писмото.

Инаку, за случајот со нејзиниот син Константин, кому му беше дониран црн дроб, таа излезе во јавност и ги повика родителите на децата кои чекаат или веќе имале трансплантација, да не молчат и да не се кријат, туку меѓусебно да си бидат поддршка.

-Првата година од животот на Константин помина во болница, од Србија, па се до Италија. Државата ги покри трошоците, но многу помогнаа и хуманите граѓани. Добив илјадници повици од луѓе со слични проблеми. Треба да се знае дека во државата има околу 70 – 80 деца на кои веќе им е извршена трансплантација. Но, никогаш не се знае како ќе се одвиваат работите по трансплантацијата. Во Србија има дете на кое му е вршена трансплантација дури три пати. За тоа не треба да се молчи. Родителите не треба да се повлекуваат, туку да бидат гласни, да ги споделат своите искуства – раскажуваше таа за српските медиуми пред неколку години.

Вики Клинчарова

Поврзани новости