На 77-годишна возраст почина популарниот актер Димче Мешковски- Мешко.
Човекот кој зад себе остави ризница од одлично одиграни улоги во ,,Солунски патрдии”, ,,Хихириху”, ,,Женски оркестар”, ,,Викенд на мртовци” и многу други театарски и филмски улоги, по многуте здравствени проблеми со кои се соочуваше изминативе години, замина во вечноста.
Генерациите го памтат и по неговата синхронизација на ,,Попај”, но и на многу други цртани филмови.
Од Драмски театар Скопје за ,,Фокус” ја потврдија веста за неговата смрт.
Во интервју од пред неколку години раскажа дека со сопругата се преселиле во Лос Анџелес, бидејќи таму живее нивната ќерка, па помагале околу одгледувањето на нивната внука Леона.
-Животот е убав и скап. Особено за нас, затоа што ние заминавме како пензионери, плус со сите мои здравствени проблеми. Веќе не можам да работам за да допринесувам дома.
Егзистираме скромно, но врзани сме за ќерката и за внуката, затоа сме и таму. Една од причините што заминавме е американската медицина.
Во Лос Анџелес многу добро ме лечат, медицината таму е на највиско ниво. Стручни кадри, стручна екипа, медицинска техника до совршенство.
А јас, бидејќи имам повеќе од 65 години, имам право на бесплатно лекување.
Сега веќе не сме со ќерка ми, сопругата и јас добивме свој стан, меѓутоа до нас е близу училиштето на нашата внука Леона. Ние ја зeмаме од училиште и поминуваме време заедно додека родителите и се на работа.
Прекрасно е, морам да кажам, Санта Моника е еден од најубавите делови на Лос Анџелес. Тука ни е близу океанот, палмите, и се што е најубаво-раскажа пред неколку години.
За здравствените проблеми, не криеше дека листата е долга, но храбро се носи со нив. Преживеал мозочен удар, одел на дијализа, имал четири бај-паса, опериран колк… Не криеше и дека е горд на ќерките Јасна и Наташа, како и на внуката, на која и беше посветен во последните години.
Мешко зад себе има над 6.000 одиграни претстави, а заедно со колешката Мара Попара, која почина пред неколку месеци, имале повеќе турнеји во Австралија, Канада и Америка.
Лани по четири години минати во САД се врати во Македонија и раскажа дека е среќен што луѓето уште го препознаваат.
Околу тоа дали починал во земјава или пак во Америка, и кога и каде ќе биде погребан, се уште нема детали. Од Драмски театар најавија повеќе информации наскоро.
Вики Клинчарова