Пендаровски во Париз: Македонија придава големо значење на соработката со УНЕСКО

by Fokus

Македонскиот претседател Стево Пендаровски денеска имаше средба со генералната директорка на УНЕСКО, Одре Азуле, по повод 30-годишнината од членството на Македонија во организацијата.

На средбата, како што информираа од Кабинетот на претседателот, се дискутирало за можностите за проширување на соработката преку реализација на проекти од областите на културата, образованието, науката, животната средина, информатичко- комуникациските технологии, програмите за млади, граѓанското општество и човековите права.

Пендаровски истакна дека нашата држава придава големо значење на соработката со УНЕСКО, ги промовира и учествува во нејзините активности и иницијативи, а реализира активна и конструктивна соработка со другите држави членки на оваа организација, се вели во соопштението.

Тој се заблагодари за тоа што УНЕСКО го препознава значењето на македонскиот поет Ацо Шопов и се вклучи во одбележувањето на 100-годишнината од неговото раѓање, оценувајќи го како признание за вредностите што Шопов ги промовирал преку неговото богато творештво.

Пендаровски од вчера е во Франција, на одбележување на 100 години од раѓањето на македонски поет Ацо Шопов и 30 години од македонското членство во УНЕСКО.

Поврзани новости