Џери Ли Луис, легендарниот американски музичар и рокенрол пионер познат по раните рокенрол хитови „Great Balls of Fire“ и „Whole Lotta Shakin’ Goin’ On“, почина на 87-годишна возраст, изјави неговиот претставник. Тој починал од природна смрт во својот дом во ДеСото, Мисисипи.
Џери Ли Луис беше познат по својата енергија во своите настапи, а неговата песна „Great Balls of Fire“ секако беше фактор за популаризација на рокот – таа стана една од најпрепознатливите поп песни од педесеттите, а подоцна и во историјата на музика.
Роден е во 1935 година во Луизијана во сиромашно семејство на фармери. Семејството ја ставило под хипотека фармата за да му го купи на Џери првото пијано, пишува Гардијан.
Сериозно почнал да игра откако го напуштил училиштето, а првиот настап го имал на 14 години на отворањето на салон за автомобили. Стилот и изведбата брзо го однесле во Sun Studios во Мемфис каде што свиреше прво како придружник на студиото, а потоа како соло изведувач.
Тој сними некои од најраните песни со Елвис Присли, Џони Кеш и Карл Перкинс.
Списанието Ролинг Стоун го вклучи меѓу 100-те најдобри уметници на сите времиња. „Создадов рокенрол пред да помислат на рокенролот“, рече тој во едно интервју во 2014 година.
За време на турнејата во 1958 година, протекоа вести дека тој се оженил со својата 13-годишна братучетка Мира Браун, негов трет од седумте бракови. Имаше голем скандал и остатокот од турнејата беше откажан. Неговите концерти исто така беа откажани, а неговата популарност падна. Никогаш повеќе не влезе во топ 20 на музичките топ листи.
Сепак, четвртиот и петтиот брак биле подеднакво неславни бидејќи неговите сопруги починале во „сомнителни околности“, како што тогаш пишуваа медиумите. Џерен Пејт се удави, а смртта на Шон Стивенс беше проследена со гласини за семејно насилство.
И покрај контроверзите, тој се префрли на кантри музика и продолжи да свири.
Луис снимил 40 студиски албуми.