Еден од великаните на македонската архитектура, Петар Муличкоски, почина на 93-годишна возраст. Тој е автор на многу значајни проекти, меѓу кој е и оригиналната зграда на Владата, изградена во 1970 година, чија фасада беше променета пред неколку години без негова согласност.
„Неговите урбанистички проекти, се вреднувани и наградувани на јавни конкурси, се однесуваат на значајни и разновидни градски содржини во различни географски, историски и урбани средини, ја потврдуваат умешноста на авторот во надоврзување на постојните градски матрици и структури како континуитет во поврзувањето на старото и новото, почитувајќи ја постоечката состојба и духот на срединатанадополнета со нови просторни содржини и амбиенти“, стои на интернет страницата Македонска АРХитектура (МАРХ).
Позначајни изведени објекти чиј автор е Муличкоски се – Палата на управа, кејот на реката Вардар во Скопје (порано зграда на ЦК СКМ, денес Влада на Република Македонија) – Скопје, 1970 година; Народна и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ – Скопје, 1971 година; Деловна зграда на „Симпо“ во Врање – Србија, 1975 година; Спомен-костурница во Кавадарци, 1974 година; Стопанска банка во Скопје -1974 година…
За своето дејствување е добитник на јавни, општествени и професионални признанија, меѓу кои и „Повелба за животно дело со името на Андреја Дамјанов – 1995 год. (за заслуги во градењето на редот и за извонредност во македонската архитектура).
Муличкоски е роден 1929-та година во Прилеп каде го минува раното детство и средношколските денови. Во периодот од 1949 до 1957 студира Архитектура на Техничкиот факултет во Љубљана. Во 1959-та е избран за редовен асистент на Техничкиот факултет во Скопје. Со понатамошно лично надградување цо 1967 е избран за доцент, а во 1978 за редовен професор на истиот факултет. Како професор држи настава во сите области на научниот урбанизам.