Митко Јанчев: Семејното летување ми е време за полнење на батерии!

by Фокус

Кавадаречкиот градоначалник Митко Јанчев заедно со сопругата и децата е на летување во соседна Грција. Тој за ,,Фокус” вели дека ќе одмора неколку дена, а потоа им се враќа на работните обврски.

Околу редовната практика на повеќето јавни функционери да не откриваат во јавност каде летуваат, па потоа во медиумите да ,,осамнат” нивни папарацо фотографии од некоја плажа, најчесто во соседството, Јанчев вели дека не може да ја разбере потребата да се сокрие летувањето.

Одморот и времето минато со семејството, според него, е нешто кое треба да им биде достапно на сите граѓани, и во никој случај не смее да се гледа на него како на луксуз, кој добар дел функционерите неретко се обидуваат да го скријат од јавноста, под изговорот дека се работи за приватност.

-Со сопругата Веселка и децата сме сместени на првиот крак во соседна Грција, во ресортот ,,Aegean Melathron” во близина на Калитеа. Поради моето темпо на работа, ова е одлична шанса максимално да се посветам на фамилијата, да поминеме сите заедно квалитетно време. Ова е мој втор градоначалнички мандат, во Кавадарци се работи под полна пареа, не останува многу слободно време, а децата растат.

Затоа на летниот одмор секогаш гледам како на добра шанса сите да си посветиме повеќе внимание, како семејство. Воспитан сум со силна верба во семејните вредности, истото им го пренесувам и на децата, го сакаме времето поминато заедно. Ги гледам децата како се забавуваат покрај морето, убаво ни е на сите, и со полни батерии наскоро се враќам на секојдневните обврски – вели Јанчев.

Тој и сопругата Веселка се заедно од рана младост, а во брак се 19 години. Имаат три деца, Никола (18), Стојанче ( 8 ) и Мила (5).

Вики Клинчарова

Поврзани новости