Четириесет и шестгодишниот пациент од Неготино денеска почина од листерија на скопската Клиника за инфективни болести, информираа од министерството за здравство.
Според информации од ресорното министерство, пациентот бил хоспитализиран на 03 август оваа година, под клиничка слика на акутен гастроентероколит, кај кого со дополнителни испитувања била потврдена инфекција и на централниот нервен систем. Поради влошување на болеста, тој бил поставен на механичка вентилација. Во лекувањето покрај инфектолози, активно биле вклучени и анестезиолози од КАРИЛ. И покрај сите превземени тераписки мерки состојбата на пациентот константно се влошувала со несакан исход на болеста.
Во последните два месеци ова е петти смртен случај од листерија, а опасната бактерија е потврдена кај десет пациенти досега.