Десетмесечно бебе вчера починало како последица на компликации од мали сипаници, изјави денеска доктор Владимир Микиќ од Институтот за јавно здравје, кој посочи дека бебето веќе две недели било на интензивна нега.
Ова е четврти смртен случај како последица од мали сипаници од почетокот на прогласувањето на епидемијата досега. Кај починатото дете претходно не биле регистрирани хронични заболувања и не било вакцинирано.
– Имало тешка пневмонија, мозочно крварење, рече Микиќ и апелираше дека малите сипаници се навистина сериозно заболување и претставуваат повеќесистемско заболување и може да ги нападнат сите органски системи и системот за дишење и централниот нервен систем, интестинален систем…
Тој нагласи дека во изминатата недела биле пријавени 113 сомнителни случаи од кои кај 110 се регистрирани мали сипаници. Од нив, 46 се во Скопје, а 64 се од другите градови.