Почеток на крајот на политичката кариера на Венко Филипче

by Fokus

Пишува Ирена МУЛАЧКА

Лека полека се ближи крајот на политичката кариера на се уште актуелниот министер за здравство Венко Филипче. Тој немаше против да продолжи да седи на министерската фотеља, но сепак политичките игри и коалициските желби му ги поматија сметките, па сакал неќел мора да ја напушти функцијата, која му беше како златна кокошка.

Филипче имаше можност повеќе од четири години барем малку од малку да ја подобри состојбата во јавното здравство, но наместо тоа целиот товар на урнисаното здравство падна повторно врз грбот на пациентите. Еден пациент за да стигне само до шалтерот на болницата, мора да фати дебели врски, а да не зборуваме да влезе кај лекар за да добие соодветна здравствена услуга. И тоа што е најжално во целата приказна е што на сите ни стана нормално.

Нормално стана да умираат пациенти по болничките ходници, нормално стана за да се спаси човечки живот да се свртат сто телефони, за некој да се сожали и да го прими болниот, кој со едната нога веќе е на смртна постела, нормално стана да се местат тендери, да се вртат милионски суми преку тендерски постапки и нормално стана за тоа никој да не одговара. Оти кај нас, никој за ништо не е крив.

Министерот за здравство уште во првите години од своето владеење се покажа како прав тендерски скандал мајстор. Тоа го докажуваат и неколкуте тендери од 10 до 30 милиони евра, кои брзо беа пробиени, па за среќа пропаднаа. Инаку, кој знае колку пари во чии џебови и чии фирми ќе завршеа? Како што во времето на „вмровците“ ги броевме милионите евра за тендерските набавки за медицинска опрема, така продолживме да ги броиме и во времето на СДСМ.

Филипче во ниту една прилика не се потруди да расчепка дали, колку и каков криминал се крие, на пример за набавката на медицинска опрема вредна 100 милиони евра од страна на ВМРО-ДПМНЕ, за што постоеја обвинувања дека е пералница на пари и тоа баш од владата од која доаѓа министерот. Се тоа ќе остане длабоко закопано во архивите на министерството, како што ќе останат и скандалите на сегашниот министер.

Но, тоа не е се. Да не почнеме да зборуваме за неорганизираноста, лошите услови за работа, огромните долгови на јавните здравствени установи и тоа што им дозволи на приватните болници и лаборатории да печалат на грбот на пациентите.  Досега се наполнија повеќе од 90 милиони евра, а пациентите умираат на секој чекор. Па, се тоа си го имаше и претходно. Што се промени?

Сепак, мора да признаеме, ковид 19 му ја донесе славата, но ковид 19 и му ја зема. Кога почна страшната пандемија човек страв да го фати да напише нешто против работата на министерот и неговите институции, затоа што ќе се навредат неговите обожаватели, кои веднаш ќе почнат да ја критикуваат твојата новинарска работа, со оглед на тоа што никој не смее да го чепне нивниот омилен министер.

„СЛАВЕН“ КРАЈ НА ПОЛИТИЧКАТА КАРИЕРА

Но, ете се случи страшната трагедија во Тетовската модуларна болница, во која живи изгореа 14 луѓе. Министерот под притисок на јавноста вториот ден поднесе пишана оставка до премиерот Зоран Заев, која многу нормално на крај не беше прифатена. Тоа беше само почеток на крајот на кариерата на Венко Филипче.

Јас морам да признаам дека верував дека Заев ќе ја прифати оставката на еден од главните миленици во СДСМ, не за друго, туку колку да покажат во јавноста дека сепак постои таа морална одговорност, која со себе си ја носи самата функција. Сепак, тука самиот премиер си даде автогол, а со тоа ја запечати и кариерата на првиот човек во здравството.

Е, сега тоа што е чудно во целата приказна е што премиерот си поднесе оставка и од двете функции поради лошите изборни резултати, но затоа пак месец време претходно му ја спаси фотељата на Филипче. Која иронија?

Искрено, не верувам дека и во иднина ќе се најде министер кој ќе го извади од амбисот македонското јавно здравство, но морам да потенцирам дека секој што ќе седне на таа фотеља мора во глава да си стави дека на годишно ниво умираат по повеќе од 25.000 луѓе, што е алармантна и загрижувачка бројка. Никој не вика дека лекарите се семоќни и можат сите да ги спасат, но многу од пациентите се жртви на самиот здравствен систем. Сепак, за човечки животи се работи!

Самиот Филипче истакна дека по заминувањето од министерското столче ќе се врати на својата професија како неврохирург. И треба. Тоа требаше одамна да го направи. Неговата стручност како лекар и фали на неговата матична клиника, но не верувам дека како министер ќе зафали на некој, со „чест на исклучоци“.

Може да поднесеше неотповиклива оставка по трагедијата во тетовската болница, ќе ја завршеше својата кариера како политичар со почист образ, а вака си заминува со огромен политички багаж позади себе. Не му требаше таков „крај“.

 

 

Поврзани новости