Од уредникот на БИРН
Овој текст беше привремено отстранет од сајтовите на БИРН во петок, 19 септември, по писмото на ФЦЛ Амбиенте во кое се тврдеше дека текстот содржи клевети. Писмото потпишано од сопственикот на компанијата Масимилијано Ферацоли, не споменуваше ниту една конкретна неточност во сторијата туку само генерално “клеветнички наводи”
БИРН, заедно со репортерите Сашка Цветковска, Владо Апостолов и Нела Лазаревиќ, макотрпно и професионално ја истражуваше оваа тема речиси цела година и во повеќе наврати му даде можност на господинот Ферацоли и неговата фирма да бидат интервјуирани и да одговарот на легитимни прашања за нивниот бизнис во Македонија.
И покрај нашите екстензивни обиди да добиеме коментар, и покрај деталната работа со јавно достапните документи и нашата силна увереност дека текстот е точен и фер, решивме да покажеме добра волја и без предрасуди да му дадеме време на господинот Ферацоли и ФЦЛ Амбиенте да ни укажат на можните неточности, за да можеме да ги поправиме потенцијалните грешки доколку ги има.
Вчера добивме уште едно писмо од господинот Ферацоли во кое што не дава детално објаснување во што е проблемот со текстот и го предупредува БИРН дека ќе одговара кривично и пред Интерпол докoлку текстот повторно се објави.
Со оглед на тоа што ФЦЛ Амбиенте не одговори на нашето барање за повеќе информации, загрижени сме дека овие правни закани се наменети за застрашување на БИРН и нашите медиумски партнери за да се отстрани приказната, што е често употребуван метод во Македонија за задушување на слободата на медиумите, и начин приказната да не стигне до јавноста иако се работи за прашање од јавен интерес.
Ние ќе продолжиме силно да го браниме нашето право за квалитетно новинарство наспроти нејасни закани за судски спорови и нема да попуштиме под притисоците за отстранување на текстови кои ги исполнуваат највисоките меѓународни стандарди на истражувачкото новинарство.
Автори: Сашка Цветковска, Владо Апостолов и Нела Лазаревиќ
Македонија се соочува со тешка задача: да ја модернизира според европски стандарди едната од најголемите и најпрометни депонии во Европа.
Лоцирана на периферијата на главниот град Скопје, депонијата Дрисла претставува опасност за животната средина. Во нејзина близина реките добиваат црна боја, а сиромашните деноноќно собираат остатоци од планините смет што се трупаат во отворените јами во депонијата.
По распишаниот меѓународен тендер, Град Скопје во јануари 2013 година објави дека ја избрале најдобрата фирма да ја расчисти и да ја развие депонијата: ФЦЛ Амбиенте од Италија.
Но, според податоците на БИРН, ФЦЛ Амбиенте, која сега би требало да менаџира отпад од 600.000 домаќинства, нема никакво искуство во ова поле и е формирана само неколку дена пред крајниот рок за доставување понуди на тендерот.
И покрај недостаток на искуство, на оваа компанија ѝ беше дадена предност во однос на две светски водечки фирми,германската Шолц АГ и австриската АСА Интернешнел кои, исто така, се натпреваруваа на тендерот.
Дополнително, иако, според договорот, фирмата мора да инвестира 73 милиони евра за време на првите пет години од преземањето, БИРН дојде до официјални документи кои покажуваат дека ФЦЛ Амбиенте сѐ уште нема направено никакви поголеи инвестиции во депонијата.
Италијанците треба да инвестираат во инфраструктурата и во опремата, вклучувајќи и изградба на рециклирачки центар со висока технологија. ФЦЛ Амбиенте, исто така, вети годишни профити од повеќе од 6 милиони евра, кои треба да бидат поделени меѓу компанијата и градот, во сооднос 80–20 во полза на Италијанците.
И додека сѐ уште се чека на ФЦЛ Амбиенте да инвестира, официјалните документи покажуваат дека профитот пораснал од 28 000 евра во 2012 година на 120.000 евра во 2013.
Портпаролот на Град Скопје за БИРН даде нејасна информација околу некаква нова машина која Дрисла ја нарачала, но не кажа колку чини и за каква машина се работи. Дрисла не одговори на барањето на БИРН за коментар.
Легален предизвик
Доделувањето на договорот на италијанската фирма ги заостри односите меѓу Македонија и еден од нејзините најголеми трговски партнери Германија, што на Градот Скопје може да му донесе мултимилионска сметка за отштети.
Инсајдер во германската фирма Шолц Аг, како и дипломатски извори велат дека фирмата планира тужба пред меѓународните судови, со која би можеле да бараат отштета од 80 милиони евра. БИРН дознава дека Шолц АГ сѐ уште ги премерува своите опции пред да се реши дали ќе тужи или не.
Доколку тужи, ова ќе биде втора тужба на Германците во врска со тендерот. Во јули 2013 година, Шолц АГ имаше успешна тужба против Град Скопје, кога пред македонскиот Управен суд се жалеше на нерегуларност во тендерот.
Судот пресуди во нивна полза и му нареди на Градот да го повтори тендерот.
Но, во ноември истата година, Градот, чие раководство е од редовите на владејачката ВМРО ДПМНЕ, го повтори гласањето по оригиналните понуди и повторно ја избра италијанската компанија.
Тендерски нерегуларности
Според тендерското досие, од фирмите што се натпреваруваа, Градот бараше да прикажат годишни профити од најмалку 20 милиони евра и минимум годишен обрт од 250 милиони евра за последните 5 години.
Фирмите, исто така, мораше да покажат дека се занимаваат со менаџирање на отпад во последните седум години и дека се способни да третираат 300.000 тони смет годишно.
Сепак, истражувањето покажа дека ФЦЛ Амбиенте воопшто не била формирана како компанија во времето на првиот рок од тендерот, во јануари 2012. Рокот потоа е продолжен од градскиот Совет, по барање за повеќе време од страна на неименуван понудувач.
Двајца од понудувачите – Шолц Аг од Германија и АСА од Австрија за БИРН велат дека тие не барале повеќе време и дека нивните понуди биле доставени порано од првичниот рок. ФЦЛ Амбиенте одби да даде коментар.
Според документите од италијанскиот регистер на трговски друштва, ФЦЛ Амбиенте е формирана на 14 февруари 2012 година или само три дена пред тие и нивниот конзорциумски партнер – големата италијанска фирма Униеко да ја дадат својата понуда.
ФЦЛ Амбиенте е во сопственост на мрежа на компании на фирмата Ферацоли С.П.А., која според трговскиот регистар е мала компанија и работи како „финансиски посредник“, а во 2012 година имала обрт од 310.744 евра и профит од 7.715 евра.
Без искуството на Униеско во екологијата и градежништвото, како и профитите и обртите поголеми од 500 милиони евра, ФЦЛ Амбиенте не би можела да го обезбеди договорот за скопската депонија.
Па сепак, се чини, дека Униеко, освен со учеството на тендерот, нема понатамошна улога во проектот за Дрисла,. Компанијата дури не се појавува ниту како сопственик заедно со ФЦЛ Амбиенте во новата фирма за јавно-приватно партнерство, која е наменски формирана за да ја води депонијата.
Новата фирма Дрисла ДОО е во сопственост на Град Скопје и компанијата ФЦЛ Амбиенте МК ДООЕЛ, која, пак, е во целосна сопственост на ФЦЛ Амбиенте. Фирмата има 80 проценти сопственост во депонијата, додека градот има 20 проценти.
Правниот застапник на Дрисла ДОО, Љупчо Шврговски, е поранешниот државен јавен обвинител на Македонија и близок пријател на моќниот шеф на македонската тајна полиција Сашо Мијалков, како и на неговиот брат Владимир Мијалков, кој работи како советник во македонската Царина.
Директорот на Дрисла, Горан Ангелов тврди дека Униеко и ФЦЛ Амбиенте потпишале меѓусебен договор, додавајќи дека „не е наша работа како се уредени односите меѓу фирмите во конзорциумот“.
Кога БИРН побара да го види договорот, одговорот беше дека „информацијата е класифицирана“.
Униеко не одговари на ниту еден од многуте наши телефонски повици и електронски пораки со кои баравме потврда дека се повлекле од проектот за Дрисла и објаснување зошто.
Невалидна банкарска гаранција
БИРН, исто така, открива дека банкарската гаранција што ја дал конзорциумот за време на тендерот не е валидна бидејќи не е од некоја позната банка, туку од мала инвестициска фирма чии сопственици се акционерите на ФЦЛ Амбиенте.
Гаранцијата е од Финансиариа Центро Лациа која пак е во сопственост на Ферацоли С.П.А. Според документите од тендерот што ги виде БИРН, гаранцијата треба да е обезбедена од банка или од институција, која има Фич кредиторен рејтинг „А“.
Финансиариа Центро Лациа и Градот Скопје не одговорија на барањата на БИРН дали италијанската компанија има таков рејтинг.
Според документите, италијанскиот трговски регистар оваа фирма ја регистрира како „банка-трговец“, која се занимава со ревизии и со инвестициско банкарство и има „меѓу 0 и 1 вработен“ во 2011 и во 2012 година.
Софија Куновска, поранешен советник од опозицијата во Градот Скопје, вели: „Нечуено е: истите луѓе што се натпреваруваат на тендерот да си бидат гаранција самите на себе… Тоа е јасно против тендерските правила и против законите“.
Директорот на Дрисла, Горан Ангелов инсистираше на тоа дека нема ништо спорно со банкарската гаранција, но одби да го даде на увид оригиналниот документ од гаранцијата или каков било доказ дека Градот е финансиски заштитен.
Сѐ што кажа тој беше: „Финансиариа Центро Лациа е многу респектирана институција“.
Седиштето на фирмата во Италија напуштено
Во обид да го лоцираме менаџментот на ФЦЛ Амбиенте, репортерите на БИРН отидоа во седиштето на фирмата во малиот работнички град Фрозиноне, што се наоѓа 126 километри јужно од Рим.
Документите на компанијата покажуваат дека ФЦЛ Амбиенте е во 99 проценти сопственост на Финансиариа Центро Лациа, а останатиот еден процент е во сопственост на Италија Консалтинг. Двете фирми се во 100 процентна сопственост на Ферацоли СПА.
Масимилијано Ферацоли, за кого на веб-страницата на Дрисла пишува дека е адвокат, има 80 проценти удели во оваа фирма, додека неговата сопруга Џована Мира има 20 проценти.
Ферацоли СПА се лоцирани во голема зграда од редот на индустриските згради притиснати веднаш до една џиновска депонија со токсичен отпад на едниот крај улицата Виа Армандо Вона. Пред улицата, ова место е собирна точка на проститутките од градот.
При нашата посета едно вторничко попладне во ноември минатата година, се чинеше дека канцеларијата на Италијанците е напуштена. Имаше само еден паркиран автомобил пред зградата.
Еден работник рече „газдата не е овде, но ќе му ги пренесам прашањата“. До ден денес сѐ уште не сме добиле одговор од Ферацоли, неговата жена или од кој било друг од компанијата, и покрај нашите постојани повици и пораки.
Многу малку се знае за која било од компаниите на Ферацоли. Веб-страницата на ФЦЛ Амбиенте содржи само една куса изјава во врска со нивната работа на депонијата Дрисла, додека страницата на Ферацоли СПА сѐ уште е „во изработка“.
Сестринската фирма Финансиариа Чентро Лациа содржи малку повеќе информации, листа на вработени и примери од проекти, но не и оној за Дрисла.
Ферацоли и неговиот брат Доменико се релативно непознати во Италија, но се клучни фигури во Дрисла ДОО. Нивниот постар колега од менаџментот Џулијано Мари имал високи позиции во повеќе големи италијански компании, но ниту една што била во областа на менаџирањето со отпад.
Во потрага по каков било доказ дека ФЦЛ Амбиенте и нивниот менаџмент се квалификувани да работат со депонии од Градот Скопје ги побаравме и личните биографии на италијанските менаџери на Дрисла, но Градот, исто како и Дрисла не одговорија на ниту едно наше барање.
Во потрага по повеќе информации, се упативме и на адресата каде што е регистрирана Финансиариа Центро Лациа. Лоцирани се во скромна зграда во Рим, на чии што влез не го пишува името на компанијата, иако има 6 различни логоа на други компании.
Кога споменавме која компанија ја бараме, вратарот нѐ упати на вториот кат, но и таму немаше никаков знак од Финансиариа Центро Лациа.
Човек од друга компанија ја отвори вратата и нѐ покани да зборуваме со една жена, која рече дека работи за Финансиариа Центро Лациа.
Таа вети дека ќе го контактира нејзиниот шеф и дека ќе го праша дали може да се сретне со нас следниот ден. Одговор повторно не добивме и покрај нашите настојувања.
Италијанските планини од отпад
Со децении Италија се бори со сопствениот отпад – илегалното фрлање е вообичаено, мафијата е широко распространета и инфилтрирана во овој бизнис, а сметот спорадично се трупа на улиците на големите градови.
Депонијата, која е веднаш до седиштето на Ферацоли СПА, содржи 625.000 тони токсичен отпад. Наскоро се очекува тендер за негово безбедно уништување, но градоначалникот Никола Отавиани вели дека ќе чини најмалку 100 милиони евра да се одложи само петтина од отпадот во Германија.
Обвинителите во Рим неодамна отворија истрага против мафијата во врска со токсичниот отпад во Фрозиноне и Латина и добија признание од поранешниот шеф на неаполската мафија Кармине Шиавоне дека пред 20 години тие го закопувале токсичниот отпад во оваа област.
БИРН нема докази дека постои врска меѓу Ферацоли СПА, активностите на мафијата и токсичниот отпад што се наоѓа на неколку метри од нивното седиште.
Но, БИРН има докази дека ФЦЛ Амбиенте веќе ја нуди депонијата Дрисла како депонија за италијанскиот отпад.
Според официјалните документи до кои дојде БИРН, ФЦЛ Амбиенте е една од десетте компании што се трудат да добијат договор со италијанската провинција Империа лоцирана на границата со Франција само 20 километри од Монако.
Ако успее во намерите, 106 илјади тони отпад годишно би можеле да бидат пренесувани во Македонија.
Меѓу фирмите што веќе соработуваат со ФЦЛ Амбиенте е и фирмата Марин Гасоли Монтекарло лоцирана во Монако. Ништо не се знае за нивната улога во Дрисла, а ниту фирмата, ниту градот не одговорија на нашите прашања во врска со соработката со компанијата од Монако.
Заострени односи со Германците
Начинот на кој договорот за Дрисла беше доделен и заканите од уште тужби од страна на германската Шолц АГ создаде конфликт меѓу германските и македонските власти.
Секторот за односи со јавност во германската амбасада во Скопје соопшти јавно дека овој случај може да доведе до „нарушувања на економските релации поради тоа што носи порака за правна несигурност до потенцијалните германски инвеститори, така што може да има нарушувања и во политичките односи меѓу двете држави“.
„Ова не е единствениот случај со кој Германија се соочила, проблеми постојат и во други сфери на економската соработка, како енергијата и образованието“.
Претседателот на Транспаренси интернешнел Македонија, и поранешен претседател на Антикорупциската комисија, Слаѓана Тасева вели дека доказите во овој случај демонстрираат зошто квалитетните инвеститори ѝ го вртат грбот на Македонија.
„Несигурноста во судските одлуки и постојаните промени во законите се една од најголемите пречки за странските директни инвестиции“, вели таа.
Градоначалникот на Скопје, Коце Трајановски, пак, при доделувањето на тендерот на Италијанците, рече „ова е првиот договор во оваа област и јас сум горд што го потпишувам“.
Но, без инвестиции, со потенцијални тужби и со депонија која надвор се продава како дестинација за италијанскиот отпад, се чини дека засега има многу малку простор за гордост и за фалби.
(Линк до оригиналната сторија)