Поминаа три години до денеска откако владиката Јован се наоѓа во затвор, а неговата здравствена состојба се повеќе се влошува, информираа од Православната охридска архиепископија.
– На 12 Декември 2011 год., тој доброволно влезе во татковината, на граничниот премин кај Битола, кадешто беше уапсен. Од тој ден, државниот апарат врз него спроведува тортура, непоимлива за современите демократски уредувања.Во текот на овие три години, на членовите на Светиот Архиерејски Синод на ПОА им беше дозволено да го посетат во затворот – само еднаш, во август 2013 годин – се наведува во соопштението од ПОА.
Од таму тврдат дека затворската управа ги прекршува сите законски одредби и упорно не му го дозволува отсуството, коешто му следува, согласно на законот.
– Архиепископот Јован, којшто во затвор се наоѓа по осми пат во последниве дванаесет години, има дијабетис. Тој е сместен во затвореното одделение на затворот Идризово, заедно со уште триесет и тројца затвореници. Условите во затворот се субстандардни, затворската келија има еден тоалет, а и севкупните услови дополнително ја влошуваат неговата здравствена состојба – се наведува понатаму во соопштението.
Хелсиншкиот комитет го прогласи Архиепископот охридски Јован за политички затвореник.