Бизнис-заедницата вети дека ќе ги почитува законските одредби, односно покачувањето на минималната плата од март 2023 година да е на 20.175 денари, но потенцираат дека работниците ќе мора да си ја заработат платата.
„Минималната плата не треба да биде мотив, таа треба да биде за најниското ниво. Нашите работници мора да имаат повисоки плати, но мора да си ги заслужат и да ги одработат, а ние соодветно да ги наградиме. Организацијата на работовадачи поддржува системски решенија и се стреми да ги награди добрите работници. Ние со нашите партнери во економско-социјалниот совет ги поддржуваме добрите работници и се стремиме тие да имаат добра куповна моќ. Мора да разговараме во друга насока, а тоа е да имаме попродуктивни работници и да имаме млади луѓе кои ќе сакаат да работат во приватниот сектор и да живеат тука“ – изјави претседателката на Организацијата на работодавачи Владанка Трајковска по одлуката на економско-социјалниот совет во Владата да се покачи минималната плата согласно законското решение за раст на минималецот.
Премиерот Ковачевски порача дека „секој работник следниот месец ќе ја зема оваа плата како минимална. Согласно законот за административни службеници, кој е усогласен со законот со минимална плата, тоа значи дека линеарно ќе се усогласат и платите на 27 000 службеници, како и во другите сектори во кои законите се усогласени со законот за минимална плата“.
Министерката за труд и соицијална политика Јована Тренчевска, пак, рече дека со денешната одлука на економско-социјалниот совет продолжува постојаниот раст на минималната плата.
„Имаме постојан раст на платите и за оваа година нето минималната плата изнесува 20 175 денари, а бруто минималната плата од март 2023 година изнесува 29 739 денари“ – нагласи Тренчевска.