Бајден вели дека американскиот финансиски систем е безбеден

by Fokus

Американскиот претседател Џо Бајден денеска објави дека финансискиот систем на земјата останал недопрен и покрај ненадејниот банкрот на банката во Силиконската долина.

„Американците можат да бидат сигурни во безбедноста на националниот банкарски систем. Вашите депозити ќе бидат таму кога ќе ви бидат потребни“, рече Бајден.

Банката во Силиконската долина се затвори во петокот, што е најголем колапс на банка од 2008 година, кога Вашингтон Мјутуел пропадна во екот на светската финансиска криза.

Средствата на банката во Силиконската долина беа запленети од страна на американската Федерална осигурителна корпорација, а банката попушти откако нејзините клиенти, главно ИТ работници и фирми за ризичен капитал, почнаа да ги повлекуваат своите пари.

Претседателот рече дека ќе бара одговорните да ги сносат последиците и дека ќе изврши поголем притисок за подобро регулирање и надзор на поголемите банки.

Американскиот министер за финансии, Џенет Јелен вчера изјави дека федералната влада нема да и помогне на банката во Силиконската долина во стечај, туку работи на помош на нејзините корисници.

Британската филијала на калифорниската банка во Силиконската долина (SVB), која банкротираше, е продадена на HSBC со посредство на британската влада и Банката на Англија, соопшти денеска британското Министерство за финансии.

Поврзани новости