Откако МВР во изминатите неколку дена се жалеше дека платформата Телеграм одбива да соработува во однос на групата „Јавна соба“, денеска платфромата ја избриша спорната група.
Ова следува откако денеска премиерот Зоран Заев се закани дека доколку платофрмата не соработува, Македонија целосно ќе ја забрани оваа апликација за користење.
-Од Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика ме информираа дека групата „Јавна соба“ е затворена. Го поздравувам ваквиот чекор на платформата Телеграм и порачувам дека оние што го прекршиле законот ќе бидат казнети бидејќи ние целосно ги документираме случаите. Истовремено, апелирам за внимателност бидејќи на платформата Телеграм има и друга слична група и ние соодветно ќе постапиме и за членовите на оваа група. Сите што го кршат законот соодветно ќе одговараат, напиша на Фејсбук министерот Оливер Спасовски.
Сега на групата „Јавна соба“ стои дека не може да биде прикажана, бидејќи се користела за ширење на порнографска содржина.