На денешната седницата за пратенички прашања во Собранието, премиерот Христијан Мицкоски упати забелешка до пратеникот Ријад Шаќири од Алијанса за Албанците предводена од Арбен Таравари.
Тој на реверот носеше значка со албанското знаме.
Мицкоски го потсети дека Шаќири добива плата од буџетот кој што го полнат сите граѓани во оваа земја.
-Носите значка само со албанското знаме. Последно што знам вие сте пратеник во македонскиот парламент и плата добивате од буџетот којшто го полнат сите граѓани без оглед на етничката припадност. Можеби добра порака ќе беше ако дојдевте со таква значка, но вие таа можност ја пропуштивте – му рече Мицкоски.
Пратеникот одговори дека знамето е негов национален симбол.
-Го носам мојот национален симбол и се гордеам дека сум Албанец. Ова ми го даде претседателот на Албанија. Кога вие ќе ми донесете значка со Република Северна Македонија, на идната седница ќе ја носам и неа. Но дека сум космополит сум докажал со својата работа. Јас сум лице кое никогаш не правело поделби врз верска и етничка основа – возврати Шаќири.
Малку подоцна, за време на неговиот говор, му врачија значка со македонско знаме, а тој ја закачи на сакото.