Илјадници Грци излегоа на улиците за време на штрајкот на вработените во јавниот сектор и неколку синдикати од приватниот сектор, барајќи повисоки плати и подобри јавни услуги.
Сообраќајот низ целата земја беше во прекин. Фериботските линии кон островите и метро-линиите во Атина беа запрени, а откажани беа и летови на некои регионални аеродроми.
Штрајкот беше организиран од најголемиот синдикат во јавниот сектор, АДЕДИ (ADEDI), кој бара враќање на годишните бонуси укинати за време на должничката криза, како и поголеми издвојувања за здравството и образованието.
Според полицијата, околу 15.000 луѓе – од наставници и лекари до студенти – мирно протестираа во Атина.
Демонстрантите носеа транспаренти на кои пишуваше: „Доста ни е! Бараме зголемување на платите!“.
Илјадници луѓе протестираа и во други градови низ Грција.
Ова е трет голем штрајк во последните неколку недели, што одразува растечки бран протести предводени од млади луѓе низ Европа, насочени против лошите услови во училиштата, зголемените трошоци за домување и падот на животниот стандард.
Грција, една од најзадолжените земји во еврозоната, успеа да закрепне од финансискиот колапс во претходната деценија, благодарение на пакетите финансиска помош во вредност од околу 280 милијарди евра.
Иако во последните години платите се зголемија, а даноците се намалија, многу домаќинства сега се соочуваат со нагло зголемување на кириите и трошоците за живот.