Иранскиот министер за надворешни работи, Абас Аракчи, го обвини Израел за лицемерие во врска со тврдењата дека Иран развива хемиско оружје, истакнувајќи дека политиката на Израел е таква што „секое обвинување може да се смета за признание“.
Тој ги отфрли тврдењата дека Иран крие хемиско оружје во фабрики за лекови, нагласувајќи дека вистинската цел на ваквите обвинувања е да ги вовлечат Соединетите Држави во уште една војна, во корист на Израел.
Шефот на иранската дипломатија се огласи на социјалната мрежа „X“, одговарајќи на обвинувањата што дојдоа од Тел Авив.
„Режим, вооружен до заби со оружје за масовно уништување, го обвинува Иран за развој на хемиско оружје. Но, како што целиот свет веќе разбра, кога станува збор за Израел, секое обвинување е признание“, напиша Аракчи.
Аракчи посочи дека Израел нема пристапено кон ниту една меѓународна конвенција што забранува нуклеарно, хемиско или биолошко оружје, и тврди дека оваа земја поседува стотици нуклеарни боеви глави.
Тој, исто така, го обвини Израел дека извршил инвазија врз седум земји во регионот и дека окупира територии во три држави. Додаде дека во текот на изминатата година, Израел ги вовлекол Соединетите Американски Држави во две, како што наведе, неуспешни војни против Иран.
Иранскиот министер ги отфрли наводите дека Техеран развива и крие хемиско оружје во фабрики за лекови. Потсети дека Иран е потписник на Договорот за неширење на нуклеарното оружје (НПТ) и членка на Организацијата за забрана на хемиското оружје (ОЗХО).