По враќањето од Банско имав негативен тест, да престане линчот врз моето семејство – вели ќерката на позитивниот пар од Неготино

by fokus

Министерството за здравство вчера ги потврди првите позитивни случаеви на корона вирус во Неготино. Станува збор за брачен пар на возраст од 73 и 76 години, кои според информацијата од матичниот лекар и Центар за јавно здравје Кавадарци, барале да им биде земен брис, бидејќи биле во контакт со лице сомнително или евентуално позитивно на вирусот.

Ќерка на заболените, која живее со семејството во Кавадарци, а чиј идентитет е познат на нашата редакција, во телефонски разговор за ,,Фокус” појаснува дека таа и нејзините блиски од вчера, по објавата на веста, станале мета на јавен линч и преку социјалните мрежи биле нападнати и неправедно обвинети.

-Се уште сме во оној првичен шок од веста дека родителите ми се позитивни, а народот не чекаше многу за да ни ја направи состојбата уште полоша. Ми се јави вчера пријателка, ми кажува дека на Фејсбук има група во која се постираат мои и слики од моите сестри, дека граѓаните ме напаѓаат и обвинуваат како јас сум го донела вирусот.
Токму поради тоа, чувствувам морална должност да појаснам за што точно станува збор, но и да им кажам на моите сограѓани дека јас ниту сум позитивна, ниту пак некого сум изложила на опасност.

Секоја година одам во соседна Бугарија на работа. Во лето три месеци на море, а пак во зима, три месеци работам во ски центарот Банско, во ресторан на познат хотел.
По завршувањето на сезоната, на 15-ти март заедно со неколку жени, со кои заедно работевме, се вративме назад во Македонија. Во тој период Банско веќе беше големо жариште на вирусот. Кога стигнав во Кавадарци, имав мала настинка, но матичниот лекар веднаш штом слушна дека се вратив од Бугарија, бараше да се тестирам. На 18-ти март ми беше земен брис.
Резултатот беше негативен, но сепак останав во домашна самоизолација во наредните 14 дена, според препораките. Со моите родители, кои живеат во Неготино ниту еднаш не сум се сретнала, се слушавме само телефонски. Значи, јас ниту сум болна, ниту пак сум можела некого да разболам – раскажува жената.

Додава дека родителите и се без симптоми, во добра здравствена состојба, но поради нападите и обвинувањата на социјалните мрежи, стравува дека стресот негативно ќе влијае врз нивното здравје.

-Моите родители се луѓе во години, сето ова многу ги вознемири. Апелирам јавноста да се воздржи од непотребни коментари и обвинувања, тие се сега во домашна самоизолација, во изолација е мојата сестра која со членови на семејството ги посетила еден ден пред да го добијат позитивниот резултат.
За обвинувањата дека татко ми одел во маркети, и можеби го раширил вирусот, тврдам дека тој секогаш од дома излегувал со заштитна маска, уште на почетокот на епидемијата самиот ми кажа дека си купил маски и ракавици од аптека. И нормално е тоа дека во тек на ден излегувал да купи намирници, од каде би знаел дека има вирус – вели таа.

На тврдењата кои се актуелни на социјалните мрежи, дека сопружниците изминатиот период биле во Скопје во посета на роднини, и најверојатно од таму го добиле вирусот, ќерката вели дека тие имаат стан во Скопје и секогаш престојуваат таму.

-Кога и да одиме во Скопје, јас и моите блиски, престојуваме во наш стан, не одиме по роднини. Она што мене ме мачи е дека можеби нивните тестови не се со сигурност точни, бидејќи имаше и во минатото случаеви кога лица кои се тестираа еднаш беа позитивни, па на друг тест негативни на вирусот. Затоа луѓето да не избрзуваат со заклучоци и предрасуди. Сите имаме достоинство, не треба во вакви моменти да се врши јавен линч и да се обвинува, потребна е солидарност – апелира ќерката.

На прашањето зошто во прашалникот нејзините родители навеле дека сакаат да се тестираат бидејќи имале контакт со сомнително или лице позитивно на вирусот, вели дека нема одговор.

-Искрено, не знам зошто навеле таков податок. Но, она кое што сакам да и го пренесам на јавноста е дека мојот тест е негативен, и барам да се престане со нападите и стигматизацијата, која не носи ништо добро. Родителите сега ми се изолирани, изолирани се и сите блиски кои биле во контакт со нив. Замолувам за мир и разбирање во овој период – ни изјави жената.

Истиот апел, да се престане со стигматизација на заболените, вчера го упати и матичниот лекар на инфицираниот пар, кој порача дека вирусот е реалност и треба народот да биде свесен дека секој може да го добие.

Според последните информации од СВР Велес, во Неготино денес има 11 лица во самоизолација.

Вики Клинчарова

Поврзани новости