Вонредната состојба ќе продолжи уште 30 дена

by fokus

Денеска претседателот Стево Пендаровски се очекува да ја продолжи вонредната состојба за уште нови 30 дена. На 18 март беше прогласена вонредна состојба на територија на цела држава во траење од 30 дена, а Владата достави нов предлог до претседателот. “Фокус” од доброупатени извори дознава дека е извесно продолжувањето за нови 30 дена.

И Пендаровски веќе најави дека е веројатно ова сценарио.

-Шансите се извесни и големи да се прогласат нови 30 дена вонредна состојба бидејќи внатрешните состојби кои не ескалираат, но не се значително редуцирани сè уште побаруваат ваков тип ангажман од сите надлежни институции и ваков тип состојба. Првпат вонредна состојба прогласивме во 30 години независна држава, меѓутоа првпат и во светот се случуваат некои работи поврзани со пандемија на вирусот. Така, ако денес ги имам тие информации што се од надлежните институции, ако денес ме прашувате за одлука, таа ќе биде во насока да се прогласат нови 30 дена“, изјави претседателот Пендаровски пред два дена.

Денеска со почеток во 12:00 часот во Кабинетот на Претседателот ќе се одржи седница на Советот за безбедност, по што и официјално ќе биде позната одкуката на претседателот.

На седницата, покрај постојаните членови на Советот, на покана на претседателот Стево Пендаровски, ќе присуствуваат и заменикот на Претседателот на Владата, задолжен за европски прашања и Национален координатор за странска помош, Бујар Османи и министерот за здравство, Венко Филипче.

Со продолжување на вонредната состојба, Владата и понатаму ќе има овластување да носи уредби со законска сила.

В.В.

 

Поврзани новости