По вчерашното убиство на двата волци кои избегаа од Зоолошката градина во Битола, со остри реакции се јавија здруженијата за заштита на животните кои бараат итно затворање на зоолошката и санкционирање на одговорните лица.
„Овој трагичен случај е најдобар показател дека животните во битолската Зоолошка градина немааат никакви услови за живот. Волците посегнале по својата слобода, дури и по цена да бидат убиени. Но, затоа, тука се одговорните лица кои треба да располагаат со муниција за онеспоспособување преку успивање, а не веднаш да посегнат по оружјето и да извршат убиство! Очигледно тоа е премногу скапо за општинскиот буџет, па најлесно било да се одземе нечиј живот. Со ова се загрози животот и на жителите на Битола и на животните во зоолошката градина. Затоа бараме затворање на тоа мачилиште за животни и санкции за одговорните“, велат од Асоцијацијата на активисти за права на животните (ААПЖ).
Со реакција се јавија и од Здружението „Анима Мунди“.
„Директоре Нешовски, вашата ликвидација на живи битија за кои како институција сте се „грижеле“, укажува јасно каков третман имаат животните и како вие лично ги доживувате. Сте „ликвидирале“ два животи кои биле осудени на заробеништво и од очај посегнале по слобода. Извршивте убиства. Фактот дека 2 волка избегале од таму, укажува пак каква е безбедноста на граѓаните – оние кои влегуваат во Зоолошката, но и оние кои живеат во градот. Ги повикуваме институциите на итна реакција и одземање на дозволата за работа на Зоолошката во Битола, и итно одземање на животните. Време е во интерес на живите несреќни животни и заштитата на жителите на Битола, таа тажна зоолошка да се ликвидира – засекогаш!“, велат од Анима Мунди.
Како што пренесе битолската телевизија Тера, едниот волк, според изјавата на директорот на зоолошката градина Коста Нешовски бил застрелан во обидот за бегство, а другиот заминал во шумата над Тумбе кафе. Останатите два кои исто така биле сместени во живеалиштето, биле префрлени во друг кафез.
Вториот волк подоцна се вратил во живеалиштето, но при обидот повторно да избега, бил застрелан.