По три дена во притвор Кичеец уште синоќа е вратен во отворениот затвор во Струга

by fokus

По три дена поминати во притвор во Шутка, осудениот во случајот „Рекет“ и осомничен дека предизвикал сообраќајка со жртва, Зоран Милески-Кичеец уште синоќа бил вратен во отворениот затвор во Струга, каде ја издржуваше тригодишната затворска казна.

Од затворот во Шутка за „Фокус“ потврдија дека Кичеец уште синоќа бил транспортиран во Струга, по решението да се укине мерката притвор што ја донел кривичниот совет на Основен суд Гостивар.

Од Основен суд за МИА потврдиле дека постапувале по жалба на одбраната на осомничениот и кривичниот совет донел решение за преиначување на мерката. Од судот нагласуваат дека, одлуката е донесена во работно време и според законските рокови за решавање по жалба од 48 часа. Милески е осомничен дека ја предизвикал сообраќајната несреќа што се случи минатата сабота во која загина 34 годишен гостиварец.

Истрагата утврдила дека Кичеец додека бил на прекин од издржување на затворската казна, возел кон Скопје, но на патот Кичево – Гостивар претекнувал на полна линија, по што дошло до судирот меѓу неговиот и уште два автомобили.

Инаку тој се уште ја издржува тригодишната затворска казна за случајот “Рекет”. Но, и покрај тоа користел погодности и бил на лекување заради тахикардија кога ја предизвика несреќата. Собраќајката откри дека Кичеец добил отпуст од затворот заради лекување, а правните експерти спореа дали на затвореник може да му се одреди притвор. Останува фактот дека Кичеец беше единствениот во „Рекет“ што призна вина, доби најблага затворска казна и беше клучен сведок во овој случај.

 

Поврзани новости