По сторијата на „Фокус“ реагира австриската амбасада: Бара „метла“ за судиите и обвинителите кои постапувале во спор со фирма поврзана со братучетка на Заев

Притоа, од таму ги повикува сите одговорни медиуми во Северна Македонија да бидат сведоци на јавната аукција во просториите на извршителот Ангел Костадиновски во Кавадарци, на 10 јули во 12:00 часот, а му честитаа и на неделникот „Фокус“ што ја истражуваше оваа тема.

by fokus

Да се отстранат сите судии и јавни обвинители, но и да им се укинат лиценците на извршителите и нотарите кои постапувале во спор што се води меѓу австриската фирма „АММА ДОО Хоенемс“ и валандовската фирма „ДЕНА продукт“ за производство на корнишони, поврзана со семејството на поранешниот премиер, Зоран Заев, побара амбасадата на Австрија во земјава.

Ова барање на австриската амбасада следува откако неделникот „Фокус“ објави дека валандовската компанија го прекршила договорот со австрискиот инвеститори, па Арбитражниот суд во Виена пресудил да плати над 4 милиони евра.

Но, како што пишувавме, додека се потврдува оваа арбитражна одлука пред македонските судови, валандовската компанија заработи кривична, во која стои дека таа префрла пари на друга поврзана фирма, а во меѓувреме се изрекуваа и се укинуваа привремени мерки, што може да ѝ остави можност и време на домашната компанија да се ослободи од имотот и да нема со што да го плати долгот.

Во соопштение лиферувано до медиумите, австриската амбасада соопштува дека последно на 7-ми јуни, Основниот граѓански суд во Скопје одобрил времена мерка со која го замрзнал недвижниот имот на компанијата до извршување на арбитражната одлука, односно додека не се наплатат 4,5 милиони евра.

Но, валандовската компанија во сопственост на Атанас Костов, сопруг на Емилија Заева Костова, братучетка на Заев, ја обжалиле и оваа времена мерка. Извршувањето на меѓународната арбитражна одлука станала вистински предизвик за Австријците, бидејќи валандовската компанија, како што пишуваат од амбасадата, од почеток со поддршка на сродни компании, засилени со нотари и агенти презеле низа активности за да избегнат барањето.

Најголемиот дел од својот имот го префрлиле на „Глобал трејд ДММ“, Валандово, поврзана со компанија во сопственост на Емилија Заева-Костова, сопруга на Атанас Костов и братучетка на поранешниот премиер Зоран Заев. Тие овозможиле две извршувања против нивните стакленици и имот во Валандово, при што постојат јасни докази дека официјалниот јавен катастар е изманипулиран како поддршка на овие акции и поттикнаа јавно наддавање на сопствена стаклена градина на 10 јули 2023 година во Богданци и покрај тековните граѓански дејствија и кривични истраги“, велат од амбасадата.

Со последното закажано јавно наддавање и продавањето на стаклениците, австриската компанија ќе нема од каде да го наплати долгот кој го проценуваат на 4,5 милиони евра. Затоа, австрискиот амбасадор Георг Вуцас побарал од Судскиот совет и Советот на јавни обвинители да ги отстрани сите пристрасни судии и обвинители кои постапувале во овој случај. Воедно, побарал и од Коморите на нотарите и извршителите да се одземат лиценците на нотарите и извршителите кои постапувале во овој случај.

Австриската амбасада будно ќе ги следи понатамошните случувања во оваа работа, вклучително и сите нерешени правни барања до судовите и до јавното обвинителство. Ние ги изразуваме нашите големи надежи и очекувања дека правосудниот систем во Северна Македонија ќе дејствува самостојно и правично и ќе дозволи владеењето на правото да преовладува во разумна временска рамка“, велат од австриската амбасада.

Притоа, од таму ги повикува сите одговорни медиуми во Северна Македонија да бидат сведоци на јавната аукција во просториите на извршителот Ангел Костадиновски во Кавадарци, на 10 јули во 12:00 часот, а му честитаа и на неделникот „Фокус“ што ја истражуваше оваа тема.

„Австриската амбасада му честита на неделниот весник ФОКУС кој пријавил за овој случај на 1 јуни 2023 година по темелна истрага. Ако независноста на судството не функционира, барем медиумите треба да ја работат оваа работа додека не се врати целосната правда и транспарентност“, порачаа од амбасадата.

Фросина ФАКОВА-СЕРАФИНОВИЌ

Поврзани новости