По смртта на младите пациенти, МЗ тврди дека вирусот најчесто е фатален за постарите и хронично болните

by fokus

По смртта на младите пациенти заразени со Ковид-19 и информациите дека починатите на 27 и 35 години немале хронични болести, Министерството за здравство тврди дека најголем дел од компликации се јавуваат кај повозрасните пациенти и кај пациенти кои имаат претходни заболувања.

Според нивната статистика од досега регистрираните смртни случаи најголем дел се на возраст од над 60 години, а речиси 75 отсто од починатите имале коморбидитети, најчесто кардиоваскуларна болест, дијабет и белодробна болест.

-Досегашните искуства кај нас и во светски рамки покажаа дека најголем дел од компликациите се јавуваат кај повозрасни пациенти и кај пациенти кои покрај тоа што се позитивни на ковид 19 имаат и претходни заболувања. Најчесто тоа се срцеви заболувања, дијабет, бубрежни заболувања, карциноми, респираторни заболувања или се во некоја терминална фаза на болест. Сето ова има удел во финалниот исход од лекувањето, објаснуваат од Министерството.

Сепак, освен јавно познатите информации за двајцата починати млади пациенти нема објаснување зошто починале младите пациенти иако немале хронични болести.

Дваесет и седумгодишното момче од Липково починало на Инфективната клиника во последните 24 часа, а на Клиниката бил примен во исклучително тешка состојба.

-Пред да биде донесен на Клиниката, 6 дена се лекувал дома, 4 дена бил под надзор на матичен лекар, а 2 дена бил лекуван амбулантски во Кумановската болница. Поради нагло влошување на состојбата и пад на сатурацијата до 50 отсто пациентот е префрлен на Клиниката во Скопје во исклучително тешка состојба, каде беше ставен на неинванзивна вентилација. Пациентот немаше хронични заболувања освен покачена телесна тежина, велат од надлежното министерство.

Триесет и петгодишниот пациент кој почина пред два дена бил болен една недела со покачена температура, малаксаност и главоболка.

-Лекуван е од страна на матичниот лекар и на 26 октомври е примен на Инфективната клиника каде по кратко време настанало нагло влошување на состојбата. Немал други болести, додаваат од таму.

Поврзани новости