По смртта на Мемет Камбер изгласани измените на законот – Секое дете ќе може да добие документи при раѓање

by fokus

Собранието, по брза постапка, ги усвои измените на Законот за матична евиденција со 63 гласа „за“. Овие измени овозможуваат решавање на сите познати случаи на без државјанство, како и секое дете родено во земјата да добие извод при раѓање, без разлика дали неговите родители се без документи или без државјанство откако почина младиот Мемет Камбер кој немаше ниту лична карта ниту пак здравствена книшка.

-Секое дете родено на територијата на Република Северна Македонија има право на упис во матична книга на родени веднаш, а најдоцна 45 дена од денот на раѓањето на детето, независно од државјанството и личниот статус на неговите родители – стои во еден од членовите на Законот за матична евиденција и праќа јасна порака за целта на измените.

Претставничката на УНХЦР, Моника Сандри, изјави дека Агенцијата за бегалци на Обединетите нации ќе ги поддржува институциите да ги спроведуваат законските одредби и тесно да соработуваат со разни чинители за да се спречат нови случаи на бездржавјанство.

-Денешното донесување на измените на Законот за матична евиденција е важен чекор кон остварувањето на меѓународните обврски на државата. Овој напор на целото општество го трасира патот на државата да стане првата држава во Европа и втората во светот која ќе го искорени бездржавјанството. Се надеваме дека ќе сведочиме слично заедништво и солидарност на Глобалниот форум за бегалци што ќе се одржи во декември. Законските измени беа можни благодарение на заедничките напори од државните власти, граѓанското општество, медиумите, ОБСЕ, Делегацијата на ЕУ, Советот на Европа, агенциите на ОН и други кои работат заедно како дел од глобалната кампања #ЈасПрипаѓам (#IBelong) за да се стави крај на бездржавјанството до 2024 година, се наведува во соопштението.

Поврзани новости