По скандалот со знамето, Андреа ја ставила официјалната страница во мирување

by fokus

Младата пејачка Андреа Коевска ги тргнала профилните фотографии од својата официјална страница на Фејсбук и повеќе не објавува никакви новости поврзани со нејзината музичка кариера.

Иако пред околу три недели таа промовираше нова песна, прва по Евровизија 2022 каде беше наша претставничка, Андреа се уште го нема објавено линкот со песната на својата страница, а последната нејзина објава датира од 9-ти мај, кога јавно се извини за фрлањето на државното знаме во Торино, постапка која ја опиша како непромислена, но без лоша намера.

Откако се врати од Евровизија, имаше еден настап, и тоа на Парадата на гордоста во Скопје. Ниту за тој настан нема објавено никакви информации. Пред Евровизија пак, на страницата на која има околу 20 илјади следбеници, редовно известуваше за своите музички активности и споделуваше линкови од нејзини интервјуа објавени во медиумите. По враќањето од Евровизија, исто така не даде ниту едно интервју за нашите медиуми.

Нема одговор дали само привремено е повлечена и чека да стивнат бурните реакции кои ги предизвика настанот во Торино, или пак решила да ја гради музичката кариера без да биде присутна на социјалните мрежи и во медиумите.

Целиот случај кој остави трага врз нејзиното име, официјално нема никаков епилог. Од МРТ веднаш по настанот најавија дисциплински мерки против членовите на нашата Евровизиска делегација, па дури и изјавија дека размислуваат Македонија повеќе да не учествува на Евровизија која редовно минува со скандали и незадоволство од пошироката јавност.

Од Јавниот сервис, и денес, речиси три месеци по настанот, немаат соопштено дали, против кого и какви дисциплински мерки се преземени. Наспроти тоа пак, шефицата на делегацијата Мери Попова, на седница на Програмскиот совет побарала зголемен буџет за Евровизија 2023, и повеќе луѓе во тимот.

Вики Клинчарова

Поврзани новости