Триесет години по нивното последно заедничко појавување на сцена, Калиопи и нејзиниот поранешен сопруг Ромео Грил, повторно заедно настапија, на истата сцена, за време на нејзиниот концерт во Белград минатиот месец.
Додека таа пееше, тој ја придружуваше на гитара, а по завршувањето на песната се прегрнаа.
-Фала ви за оваа прекрасна вечер, Ромео, фала ти – порача таа пред публиката.
Интензивната соработка и честите заеднички појавувања во јавност на поп ѕвездата и музичарот и композитор беа доволна причина тие повторно да станат актуелни во медиумите во регионот. Приказни дека повторно живеат заедно и како љубовта помеѓу нив двајцата никогаш не згаснала, деновие се објавуваат кај нас, но и во Србија и Хрватска, каде пејачката е доста популарна. Иако двојката се нема официјално огласено по повод пишувањата, очигледно е дека ги оставиле недоразбирањата од минатото зад себе и имаат изградено доста близок однос.
Калиопи и Ромео беа еден од најпопуларните музички парови кај нас. Заедно настапуваа од 1986 до 1989 година и оставија голем број на евергрини. Љубовта ја крунисаа со брак во осумдесеттите години на минатиот век, го добија синот Пако (27), а потоа кон крајот на деведесеттите години ставија крај на заедничкиот живот. Во меѓувреме, Калиопи стапи во брак со актерот Васил Зафирчев, но љубовната идила им заврши со развод, по седум години.
Во 2012 година, на изненадување на јавноста, пејачката по долга пауза ја обнови соработката со Ромео, кој беше автор на нејзината песна ,,Црно и бело”. Таа пак, го напиша текстот за истата и со неа настапи на Евровизија. И во 2016 година, музичкото дуо ја создаде песната ,,Дона” со која Калиопи повторно не претстави на Евровизија. Ромео беше автор на музиката и аранжманот, а Калиопи на текстот.
Кон крајот на минатата година Калиопи и Ромео започнаа со заедничка работа на нови музички материјали во студиото ,,Морис” во Загреб, Хрватска. Наредниот период таа ќе одржи повеќе концерти. На 16-ти февруари ќе настапи во Нова Варош во Домот на култура, на 8-ми март во “Дворана парк” во Херцег Нови, а на 24-ти март во “Српско народно позориште” во Нови Сад.
Вики Клинчарова